Македонскиот филм „Извидник“ на чекор до БАФТА и „оскар“

113

На престојното 23-то издание на фестивалот „Л.А. Шортс“, кој ќе се одржи од 17 до 25 јули во Лос Анџелес, Калифорнија, во официјалната конкуренција ќе биде прикажан македонскиот краткометражен филм „Извидник“, во режија на Алекс Цветков, велат од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

„Л.А. Шортс“ е официјален квалификациски настан за награда на кратките филмови на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА). Победниците на фестивалот имаат право да освојат БАФТА, а најголем број од филмовите селектирани на овој фестивал речиси секоја година е дел од селекцијата во трката за престижниот „оскар“. Вкупно 54 филмски режисери од селекции на овој фестивал добиле номинации за „оскар“ , а 15-от ја освои статуетката.

Филмот „Извидник“ на Алекс Цветков е во времетраење од 15 минути и е модерна драма, во која централен лик е професионалниот тркач со мотори Гус, кој во еден миг воден од преголеми амбиции ќе го загуби тоа што му е најмило. Снимен е во продукција на „Ново македонско видео“, односно Сашо Пешев од Македонија, а во копродукција со „МФ продукција“ на Игор Нола од Хрватска и Рок Цветков и Вања Сремац од Словенија. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм. Режијата и сценариото се на Алекс Цветков, а директор на фотографија е Дејан Димевски. Во филмот играат: Мосес Гомез-Сантос, Ула Фурлан, Домагој Јанкович, Роберт Спанич и Хоџи Фортуна. Алекс Цветков е млад режисер, кој студира режија на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес. Цветков досега режирал повеќе реклами, музички видеа и краткометражни филмови, а како сценарист и режисер бил дел од неколку значајни филмски фестивали во Америка.

„Извидник“ беше премиерно прикажан на затворањето на минатогодишното издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Меѓународниот филмски фестивал „Л.А. Шортс“ е најпрестижниот фестивал за кратки филмови во светот. Фестивалот е акредитиран од Академијата за подвижни слики, уметност и науки, Британската академија за филмска и телевизиска уметност и Академијата за канадска кинематографија и телевизија. „Л.А. Шортс“ е првиот и најдолг фестивал за филм до 45 минути. Секоја година го посетуваат повеќе од 8.000 луѓе, вклучувајќи голем број професионалци во индустријата во Холивуд и неоткриени независни филмаџии.