Македонскиот павилјон награден во Чешка

36

Павилјонот на Македонија со наслов „Оваа зграда зборува (на)вистина“, на вчерашното доделување на наградите на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор ја доби главната награда „златна трига“, која се доделува за најдобра изложба и претставување на оваа манифестација. Станува збор за дело на уметникот Филип Јовановски и на кураторката Ивана Васева, продуцирано од Музеј на град Скопје и неговата директорка Фросина Зафировска, и беше во конкуренција со 79 земји од светот.

Интернационалното жири гласаше во широк спектар на категории, вклучувајќи изложбено искуство, најветувачки студент талент, најдобар кураторски концепт или награда за животно дело – вкупно 28 награди. Жирито на Прашкото квадриенале во 2019 година се состоеше од Дорита Хана, Тим Фостер, Џим Клејбург, Лиу Ксинглин, Софија Пантуваки, Роберт Капловиц, Јарон Абулафија, Содја Лоткер, Омар Рајех, Моника Раја и Кејт Бејли. Наградата ја дизајнираше архитектот Петр Бакош. Според статутот на ПК, наградите ги доделува министерот за култура на Чешка по препорака на меѓународното жири, со исклучок на младинската награда, која директно ја доделува младата публика.