Македонскиот еротски фолклор ги разбива предрасудите

124

Книгата „(И)стории од долапот/Македонски еротски фолклор“ на Ана Мартиноска е значаен придонес во македонската фолклористика и претставува осветлување на овој не многу истражуван феномен од народната традиција

Онлајн предавање со наслов „(И)стории од долапот/Македонски еротски фолклор“ на фејсбук-страницата на коалицијата „Маргини“ ќе одржи в четврток Ана Мартиноска, професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми. Предавањето е во рамките на Школата за род, сексуалности, култура и политика и е првото од серијата вкупно три јавни предавања. Мартиноска ќе зборува за својот избор на еротски приказни, песни, гатанки и пословици во рамките на неодамна издадената „(И)стории од долапот – избор од македонската народна еротика“ („Ми-ан“, 2020). Книгата е значаен придонес во македонската фолклористика и претставува осветлување на овој не многу истражуван феномен од народната традиција.
– Примерите на народните приказни говорат дека и покрај тоа што македонската културна средина е навидум сосема патријархална и конзервативна, што претставува јасен ограничувачки фактор во однос на слободното однесување на луѓето, наместа постои и еден поинаков однос кон телесноста и сексуалноста во рамките на истата таа патријархална средина. Понекаде, ваквото однесување наидува на отпор и јасна осуда, но постојат и многу други во кои сексот се прифаќа како нешто сосема природно, а промискуитетот и склоноста кон слобода и сексуални избори надвор од општествените норми како знак за индивидуалните сфаќања и конкретните животни ситуации. Иако македонската народна култура е навидум патријархална и затворена во својот конзервативен морал, областа на еротски фолклор ја разбива таа предрасуда и нуди очигледни примери за еротскиот свет на македонскиот народ што се надвор од очекуваните, непишани етички норми и прифатливите матрици на однесување на родовите – вели Мартиноска.

Според неа, оној дел од еротскиот фолклор што е надвор од обредниот контекст е тој што ја провоцира догматската норма на патријархатот, фалоцентричната идеологија и потребата за контрола на женската сексуалност. Примерите на страсни, промискуитетни и неверни жени дури и кога се осудувани или исмевани, сепак, говорат за предизвикување на доминантните матрици на однесување и обид за разнишување на востановените правила и стереотипните женски претстави.
– Тие укажуваат на неопходноста од поинаков третман на женската и машката сексуалност, одвојување на сексот од репродукцијата, критика на бракот и моногамноста, отворање кон сексуалните различности итн. – вели авторката.
Ана Мартиноска дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Од 1996 година е вработена во Институтот за македонска литература на работното место научна советничка/редовна професорка. Предава на постдипломските и докторските културолошки студии во книжевноста. Учествувала со самостојни прилози во голем број национални и меѓународни научноистражувачки проекти, како и ја голем број научни конференции и симпозиуми. Реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004.