Македонската виолинистка Ева Богоевска настапува во Париз

35

Македонската виолинистка Ева Богоевска на 2 септември ќе одржи солистички концерт во Американската катедрала во Париз, која е реномирана адреса, специјализирана за настапи на класична музика. Пијано-соработничка на концертот ќе биде македонската пијанистка Весна Ангелова-Христов, а на програмата ќе бидат застапени дела од Моцарт, Бетовен и од Сен Санс.

Солистичкиот концерт на Богоевска во Париз се реализира со поддршка на Министерството за култура. За време на престојот во Париз, македонските уметници ќе бидат примени и од македонската амбасадорка во Франција, Јадранка Чаушевска-Димов.

Концертот на Богоевска во Париз следува по минатогодишниот настап во „Карнеги хол“ во Њујорк, каде што настапи како првонаградена на интернационален фестивал. Ева Богоевска е студентка на Факултетот за музички уметности во класата на проф. Олег Кондратенко. Има освоено повеќе меѓународни награди, како прво место на фестивалот „Сан Ремо Јуниор“ во Италија (2012), лауреат од прв степен на Меѓународниот фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија (2014), гран при на Интернационалниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, Израел (2016), и прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк, каде што во нејзината категорија учествуваа над 200 натпреварувачи од светот.

Има настапувано повеќепати како солистка со Македонската филхармонија и со Националниот оркестар на Операта и балетот во Хо Ши Мин, Виетнам. Како солистка има настапувано и во Словачка, Малезија, Израел, Унгарија, Австрија, Чешка, Русија, Италија, Виетнам, САД и во Македонија.