Македонија произведува доволно театар, ама каков?

537

Театарот ја раскина таа врска со магијата и заборави која е неговата основа. Можам да забележам дека театарот страда од некаква општост, не можам да препознаам во него некоја конкретна идеја, не можам да препознаам некаков конкретен правец и сѐ повеќе препознавам некаков тезгарски пристап, вели режисерката Нела Витошевиќ

Дали вработувањата во театарот придонесуваат за квалитетот на претставите, има ли простор за младите театарџии во македонските театри, како Факултетот за драмски уметности придонесува за развојот на македонскиот театар и каква е улогата на Министерството за култура врз македонскиот театар, се некои од прашањата на панел-дискусијата насловена „Од старата до новата театарска школа: Што се случува со македонскиот театар денес?“, во организација на студентите, која се одржа во бифето на Факултетот за драмски уметности. Повод беше одбележувањето на 27 март – Светскиот ден на театарот. Модераторка беше Ана Стојаноска (театролог), а говорници: Јелена Лужина (театролог), Милош Б. Андоновски (режисер), Сашо Димоски (драматург), Нела Витошевиќ (режисерка), Сенко Велинов (актер) и Ангела Стојановска (актерка).

– Имаме 16 професионални театри во Македонија во кои се вработени 900 професионалци на плата. Тоа подразбира и технички лица, и режисери, драматурзи, актери од сите генерации и административниот кадар. На прв поглед, тоа изгледа оптимистички, но какви се фактичката состојба и перцепцијата за театарот во Македонија е тема на овој разговор. Театарот кај нас веќе воопшто не е важен – остро заклучи Лужина.

Според актерот Сенко Велинов, театарот е дел од една општествена стварност и како таков мора да го гледаме.

– Во ова општество во кое живееме, не само сега, туку и многу одамна, години наназад, главната работа во свои раце ја зедоа политичарите. И тие така станаа најважните луѓе во оваа земја. Уметниците, спортистите и сите други беа само со употребни вредности – вели Велинов.

Режисерката Нела Витошевиќ говореше за она што го нуди уметноста и она што на македонскиот театар му недостига.

– Мислам дека театарот ја раскина таа врска со магијата и заборави која е неговата основа. Можам да забележам дека театарот страда од некаква општост, не можам да препознаам во него некоја конкретна идеја, не можам да препознаам некаков конкретен правец и сѐ повеќе препознавам некаков тезгарски пристап – критикува Витошевиќ.

За време на дискусијата таа забележа дека Факултетот за драмски уметности ненамерно одмага кога станува збор за градењето на кариерата на нивните студенти, спречувајќи ги да учествуваат на проекти надвор од факултетските обврски.
Режисерот Милош Б. Андоновски им се обрати на сегашните студенти на ФДУ и со нив сподели осум стратегии за преживување на младите театарџии.

– Студентите треба да го изберат вистинскиот пат, да најдат „ментор“ – професор или постар колега кој ќе биде покрај нив и ќе навива за нив, да „внимаваат со кого комуницираат и се дружат“, да создаваат убави навики уште додека студираат, да најдат работа по дипломирањето, можеби и надвор од сферата на театарот, да се борат и никогаш да не се откажат, да бараат од професорите да им објаснат како стојат нештата во институциите, и да го поместат театарот од мртва точка – порача Андоновски.

Драматургот Сашо Димоски, пак, презентира статистика и бројки што покажуваат многу позитивна слика за театарот во Македонија.

– Во однос на другите држави на Балканот, не постои друга држава што продуцира толкаво количество театар. Но квалитетот зборува друго.

Во Македонија не постои театар што е профилиран, освен можеби Театарот за деца и младинци. На сите други сцени се среќаваат разнородни претстави – посочува тој.

Ангела Стојановска, пак, е пример за одличен студент по актерска игра, која во моментот не работи во својата струка. Стојановска се обиде да го анализира патот низ кој поминува еден студент на ФДУ, почнувајќи од подготвувањето за приемниот испит, па до дипломирањето, а со тоа забележа дека ентузијазмот кај секој од тие студенти со текот на времето се намалува. Таа претпоставува дека тоа се должи на фактот што секој е свесен за реалноста што го чека по дипломирањето.

– Дојдов до заклучокот дека ова што му се случува на театарот денес е наша вина – вели таа споделувајќи како се одвивал процесот во кој таа речиси се откажала од театарот, но сега се враќа назад, сосема независно.

Велинов говореше и за вработување во театарот и што значи тоа, поттикнувајќи разговор на темата дали воопшто театарџиите треба да бидат вработени во театар на плата и кои се последиците од тоа. Во овој сегмент од дискусијата се приклучија и студентите, од кои некои беа со категоричен став против вработувањето.

[email protected]