Македонија и годинава со повеќе активности на Канскиот фестивал

579

Со еден филм во официјалната компетитивна програма, со четири најнови остварувања што ќе бидат прикажани на филмскиот маркет, како и со неколку значајни промотивни активности, македонската кинематографија ќе биде дел од случувањата на 71 издание на престижниот Кански Филмски Фестивал, чиј почеток ќе биде означен вечерва со свечениот церемонијал.

По деветти пат Македонија ќе учествува на филмскиот маркет во Кан со свој промотивен штанд во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа – SEE Pavilion no. 135 (заедно со уште седум земји од регионот, и тоа Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Кипар).

Како што веќе информираше Агенцијата за филм, во официјална фестивалска конкуренција ќе се прикаже филмот „Дивата круша“ во режија на Нури Билге Џејлан (копродукција меѓу Турција,Makedonija,Francija, Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска). Фестивалската проекција е закажана за 18 мај во 18:00 часот.

На филмскиот маркет ќе се прикажат два најнови филма, и тоа „Хепинес ефект“ во режија на Борјан Зафировски (проекција на 14 мај со почеток во 9:30 часот во PALAIS B) и „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски ( проекција на 14 мај со почеток во 12:00 часот во PALAIS C)

Освен долгометражните, на маркетот за краткометражни филмови SHORT FILM CORNER ќе учествуваат краткомeтражните филмови „Една“ во режија на Вук Митевски и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.

Веќе утре, на 9 мај, во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“ Агенцијата за филм закупи простор за објава со која ќе се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови.

За унапредување и подобрување на активностите за промоција на Македонија како дестинација за снимање, Агенцијата за филм подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно беа изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање. Оваа страница е отворена непосредно пред почетокот на фестивалот.

За време на фестивалот е предвидено Агенцијата за филм на Македонија да потпише и договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција со Косовскиот филмски центар, а додека врз основа на претходни договори со Бугарскиот филмски центар исто така подготвен е текст за потпишување договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција. Договорот од страна на двете институции ќе биде конечно дефиниран, а АФРМ во изминатиов период преку Министерството за надворешни работи почна постапка за верификација.