„Макбет“ утревечер премиерно во МНТ

382

На сцената на Македонскиот народен театар утревечер, со почеток во 20 часот за прв пат ќе биде одиграно познатото, култно, вонвременско Шекспирово дело „Макбет“.

-„Макбет“ за мене отсекогаш била драма која поставува илјадници прашања и ме тера да се замислам до каде сме стигнати како цивилизација, како општество и како единки. За тоа до кој степен е развиена човечката алчност и желбата за власт и како тие се вековно неменлива категорија. Отсекогаш сум ја доживувала и како драма на состојби и атмосфери. Уште од студентските денови се сеќавам дека ја издвојував како најзначајна од сите Шекспирови трагедии. Веројатно во тоа време ова се должеше на големата доза на мистика и психологија што ги содржи, како и на магичното присуство на натприродните сили. Денес, погледнато од овој раскурс во ова кошмарно време во кое живееме и во кое злото го цица секое здраво – разумско поимање на стварноста, ми се виде прикладно преку Макбет да зборувам за низата општествени проблеми и гнилата состојба на духот која ја чувствуваме сите поединечно, но и колективно, рече меѓудругото на денешната прес-конференција режисерката Нела Витошевиќ во МНТ.

Режисерката Витошевиќ учествувала и во адаптацијата на текстот на „Макбет“, во препев на Богомил Ѓузел. Станува збор за прва поставка на ова дело во МНТ, во која главните улоги на Макбет и Леди Макбет им се доверени на актерите Сашко Коцев и Драгана Лошкова. Ликот на кралот Данкан го толкува актерот Сенко Велинов, ликовите на вештерките им се доверени на актерките Наталија Теодосиева, Ана Стојановска и Ивана Павлаковиќ, а дел од останатите улоги освен актерите од овој театар ќе ги играат и студенти и штотуку дипломирани актери на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Сценографијата е на Костантин Трпеноски, костимографијата на Роза Трајческа-Ристовска, а композитор на музиката е Огнен Анастасоски. Дизајнер на плакатот е Борче Димитријоски.

Витошевиќ во своето обраќање меѓудругото изрази и задоволство од четиримесечната работа со екипата, а работата на оваа претстава ја нарече значаен момент бидејќи за прв пат добила адекватни услови кои и ги посакувала за работа во театар. За неа ова е најверојатно најголем проект, најсериозно дело на кое досега работела за што и добила како што рече, најголем буџет досега, околу милион и осумстотини илјади денари, со забелешка дека и не е многу голем во однос на буџетите кои ги добиваат странските режисери. Таа изрази и благодарност што по 12 години занимавање со театар сега полесно ќе може да го покаже она што го знае и фазата до која стигнала како режисерка.

Актерот Сашко Коцев големото присуство на новинарите на прес-конференцијата го толкуваше како резултат на тоа што во овој театар веќе шест месеци наназад не е одржана премиера.

-Секогаш кога да се работи Макбет главните дилеми се, не дека тоа е обемно и тешко дело, туку дека Макбет носи некаква несреќа. Тоа е некое суеверие за Макбет, а за среќа немавме некакви лични трагедии, но трагедии се случија. Трагедиите се во тоа што културата е малку фрлена на маргините, министер за култура веќе неколку месеци нема, првите пари беа стигнати во театаров (ако ги иземеме празниците) пред дваесеттина дена. Се направија натчовечки напори и ова е веќе четврти датум за премиера на претставата. Не само овој театар, воопшто театарот во Македонија е фрлен на маргините и оставен за поткусурување што не треба да биде така. Секогаш ја кажуваме онаа клише реченица: Културата, посебно театарот е огледало на општеството, сами ќе се погледнеме во него и тоа ќе не отслика, рече меѓудругото актерот Сашко Коцев, истакнувајќи ја воедно работата на секторот сценографија и костимографија во претствата, бидејќи за неполни две недели успеале да го изработат предвиденото за утрешната премиера.