Мадрид домаќин на соло-изложба на Лемпицка

75

Светот е сцена

Во палатата „Гавириа“ во Мадрид, Шпанија, е отворена изложбата „Тамара де Лемпицка“, која ќе трае до крајот на 2018 година. Полската сликарка, припадничка на движењето арт-деко и една од првите ликовни уметници што негувајќи гламурозен имиџ стана светска ѕвезда, Тамара де Лемпицка портретирала многу аристократи и славни личности, а изложбата донесува преглед на нејзините најзначајни дела.

Тамара де Лемпицка студира на сликарската академија во времето кога Париз е престолнина на уметничкиот живот и станува портретистка на монденскиот живот. Во исто време изложува и на првата артдеко-изложба во Париз, во 1925 г., а истата година прави и самостојна изложба во салонот „Тиљери“ во Париз и во Милано.

За изложбата во Милано за шест месеци насликала 28 нови слики и наскоро станала исклучително популарна во монденските кругови. Во својот најплоден период од 1924 до 1934 година има насликано над сто портрети од припадници на високото друштво, истовремено дружејќи се со Пикасо, Кокто, Жид, станувајќи дел од боемскиот Париз, влегувајќи во љубовни врски и со жени и со мажи, проследени со скандали.