„Луди за љубов“ – премиера на Драмски театар

205

Претставата „Луди за љубов“ од Сем Шепард, а во режија на Деан Дамјановски в петок премиерно ќе биде изведена во Драмскиот театар – Скопје, со почеток во 20 и во 22 часот.

Во едната премиерна изведба главната женска улога ќе ја игра Јана Стојановска, а во втората Благица Димитровска. Останатите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Анастас Тановски и Кристијан Светиев. 

Во претставата се работи за Еди – каубоец, родео јавач, авантурист, кој по многу време се враќа кај својата девојка Меј, која ја напуштил без да и објасни зошто. Во драмата има уште два лика, ликот на старецот и на младиот Мартин кој треба да излезе на состанок со Меј. 

Директорка на Драмски театар – Скопје Викторија Рангелова Петровска на денешната прес-конференција соопшти дека овој проект е влезен во Националната програма на институцијата, која е одобрена од Министерството за култура и чини 600 илјади денари. 

Таа појасни дека се работи за камерна претстава и ќе се игра на малата сцена. Ќе има две премиерни изведби бидејќи за главна женска улога има две актерки кои се менуваат, тоа се Јана Стојановска и Благица Димитровска. 

Режисерот Деан Дамјановски информира дека претставата е кратка, се игра во еден здив и трае еден час и 15 минути. Иако е кратка, како што рече, таа не е едноставна за актерите затоа што внатре има доста задачи. 

Според него, се работи за сурова измачена љубовна драма меѓу двајца луѓе чии животи, како што рече, на некој начин се промашени. Додаде дека самиот амбиент на малата сцена и дава друга димензија на претставата и интимност.

Музиката е на Миодраг Неќак, а автор на композиција е Јана Стојановска. Сценографијата е на Ѓорѓи Ѓорѓиевски, а костимите се на Елена Внагеловска.