Лондон летово нуди изложби што не смее да се пропуштат

43

Во лондонската галерија „Тејт Британ“ е отворена изложбата „Бејкон, Фројд и еден век сликање на животот“, во „Тејт модерн“ во тек е „Пикасо 1932 – љубов, слава, трагедија“, во Музејот на дизајнот – изложбата „Графики и политики 2008-18“, во Музејот на Викторија и Алберт до 4 ноември ќе трае изложбата „Фрида Кало: дотерување“…

Неколку врвни ликовни изложби се отворени во текот на летово, дел од нив завршува месецов, дел до крајот на годинава. Голема штета е да се пропуштат некои од нив ако за тоа се има можност.

Во лондонската галерија „Тејт Британ“ е отворена изложбата „Бејкон, Фројд и еден век сликање на животот“, која ќе трае до 27 август. Ретко изложувани портрети на Лусиан Фројд и Френсис Бејкон, како дела на современи уметници како Селиа Пол, Џени Севил и Сесили Браун, се атракциите на големата изложба во „Тејт“, посветена на уметничкиот приказ на човечкото тело.

Во „Тејт модерн“ во Лондон, пак, во тек е изложбата „Пикасо 1932 – љубов, слава, трагедија“, која ќе трае до 9 септември. На првата самостојна изложба на Пикасо во лондонската галерија „Тејт модерн“ е претставена годината за која критичарите тврдат дека била најважна во животот на уметникот – 1932, а посетителите за неа откриваат сѐ низ стотина слики, скулптури, цртежи и приватни фотографии.

Кралската академија на уметноста во Лондон ја отвори 250-та Летна изложба, која ќе трае до 19 август. Британскиот уметник Грејсон Пери е главен координатор на 250-та Летна изложба на Кралската академија на уметноста, која собира над 1.300 дела на реномирани светски уметници, како Аниш Капор, Дејвид Хокни, Мартин Пар, Банкси, Марина Абрамовиќ, Трејси Емин и др.

Во Кралската академија е отворена уште една голема изложба, посветена на еден од најзначајните автори на современи дела на модерната архитектура, италијанскиот архитект Ренцо Пиано, а донесува пресек на неговата 50-годишна кариера, фокусирајќи се на 16 клучни згради што ги проектирал, од раните како парискиот центар „Жорж Помпиду“, преку лондонски „Шард“, најголемиот облакодер во Европа, со висина од 310 метри, до проекти на кои во моментов работи.

Во Кралската академија ќе бидат претставени и радикалниот австриски симболист Густав Климт и неговиот штитеник, младиот и талентиран Егон Шиле, кои умреле во 1918 г., а по повод еден век од смртта ќе биде понуден паралелен преглед на нивните опуси.
Во Националната галерија во Лондон летово беше отворена и изложбата „Моне и архитектура“. Со вкупно 78 слики на Моне, од сите периоди на неговата работа, на публиката ѝ се нуди поинаков поглед на таткото на импресионизмот, фокусирајќи се на тоа како ја прикажувал архитектурата на подрачјето на Париз, Руен, Венеција и Лондон.

Во Музејот на дизајнот во тек е изложбата „Графики и политики 2008-18“, која ќе трае до 12 август. Од Арапската пролет, преку брегзит до Трамповата ера во САД, големата изложба во лондонскиот Музеј на дизајнот открива како влијаел Интернет на графичкиот дизајн, а со тоа и на политичкиот ангажман на граѓаните.
Во истиот музеј ќе биде отворена и изложба на Азедин Алаја, француски дизајнер роден во Тунис, чии тесни фустани ги обележија 1980-тите години и кој ги облекуваше славните жени на Холивуд и Белата куќа. Тој почина лани, а изложбата прикажува 60 негови најдобри парчиња.

Во Музејот на Викторија и Алберт до 4 ноември ќе трае изложбата „Фрида Кало: дотерување“. Рачно обоените гипсени корсети, во кои Фрида Кало поминала месеци закрепнувајќи од тешката сообраќајна несреќа, се само мал дел од изложбата посветена на гардеробата и модните детали на славната мексиканска сликарка. Збирката од 300 предмети првпат ја виде јавноста во 2004 г. во Сината куќа во Мексико, каде што Кало живеела со Диего Ривера.

И во Галерија на фотографите се отвора изложбата „Алекс Прагер: ретроспектива“, која ќе трае до 14 октомври. Делата на самоуката американска фотографка Алекс Прагер (38) веќе некое време се дел од постојаните поставки на славните њујоршки институции како МоМА и музејот „Витни“, а првата ретроспектива во Велика Британија на публиката ќе ѝ го претстави најдоброто од нејзиниот опус на карактеристични фотографии поврзани со златната ера на Холивуд и со поетиката на филмовите на Алфред Хичкок и Дејвид Линч.