Локалните жители сакаат да „патуваат“

42

Музеите повторно се отвораат за нова публика

Како што се приближува посвежото време, голем број луѓе нема да бидат во можност да „избегаат“ на отворено како што можеа да го сторат тоа во текот на летото. Но иако се очекува и зимски пораст на заболени од ковид-19, сепак постои одредено решение – музеите.
Музеите сега виртуелно им гарантираат на посетителите простор од шест метри за физичко дистанцирање, благодарение на новите ограничувања на капацитетот и потребните временски термини. Што е подобар прозорец кон далечните континенти и супкултури од позлатената уметничка галерија, висока сала со артефакти, па дури и антички египетски храм „украден“ од пустина и повторно подигнат во затворен простор?
Со нивното повторно отворање во 2020 година по неколкумесечното затворање, кое започна со пандемијата во март, музеите „Карнеги“ во Питсбург и музејот за уметност „Метрополитен“ во Њујорк неодамна ги пречекаа првите посетителите. Официјалните лица од двете институции велат дека нивната посветеност кон новите здравствени протоколи ги прави масивните сали совршени културно искуство на физичко растојание и дека нивните галерии примаат повеќе посетители од кога и да било порано.

– Секогаш бевме сигурни дека повторно ќе се отвориме веднаш штом е безбедно, бидејќи имаме простор од 2 милиони квадратни метри и стотици галерии – изјави за „Вашингтон пост“ портпаролот на „Мет“, Кенет Вајн.
„Мет“ се служи со резервирање временски термини за да го задржи капацитетот под 25 проценти и во просек пречекува околу 1.000 посетители на час – претежно њујорчани, наместо странските туристи на кои музејот е навикнат.
За да останат отворени, музеите најмногу ќе се потпираат на локалните посетители. Според Американската алијанса на музеи, музеите поддржуваат 726.000 работни места низ целата земја и придонесуваат со 50 милијарди долари кон економијата секоја година. Меѓу американските институции, кои планираат повторно да се отворат, околу 40 проценти ќе го сторат тоа со намален персонал, покажа истражувањето на ААМ.
– Сите се надеваме дека ограничувањата за патување ќе бидат укинати наскоро, но во меѓувреме, музеите како нашиот нудат безбеден и удобен пристап до предмети и артефакти од целиот свет.

Исто така, нудат и безбедно и пријатно прибежиште од лошите временски услови – вели претседателот на музеите „Карнеги“, Стивен Кнап.
Четирите музеи „Карнеги“, како и неодамна повторно отворениот „Мет“, спроведоа задолжителни мерки за носење маски, унапредување на упатствата за чистење и дистанцирање. Друг портпарол на музеите „Карнеги“ за „Пост“ изјави дека институцијата се надева на прилив на посетители во постудените месеци. Фактот што масивните музејски сали како оние на „Мет“ се полни со живот, служи како доказ дека градовите не се „мртви“.
Во нормални услови, патувањето на долги релации беше вметнато во секојдневните напори на двете институции. Цели 46 години, музеите „Карнеги“ нудеа приспособени патнички програми што ги носеа учесниците во Египет, Венеција, Мароко за кураторски заткулисни разгледувања на некои од најпознатите светски музеи и историски места. Турнеите од мали групи беа одложени оваа година за 2021 година и беа заменети со програма на самото место, вклучувајќи и турнеја предводена од египтологот на египетската сала во „Каргеги“.

За „Мет“, патувањата на долги релации се обично причината за повеќето од нивните посетители, кои доаѓаат од странство.
– Со запирањето на меѓународното патување, „Мет“ има нов фокус – жителите на Њујорк, кои сега сочинуваат над 90 проценти од учесниците – вели Вајн.
Музејот неодамна започна бесплатна програма за велосипедисти за да ги охрабри локалните жители што користат велосипед за транспорт, да застанат и да ги доживеат просторите на „Мет“, вклучувајќи ги популарната „Голема сала“ и Храмот на Дендур, во крилото „Саклер“, со многу помала толпа.
– Њујорчани го издржаа незамисливото, пандемија што продолжува, и уште многу предизвици како резултат на тоа. Нема апсолутно ништо како искуството да им се обезбеди на луѓето место за осаменост, да уживаат во културните богатства постари од 5.000 години. Ова е причината зошто живееме во Њујорк и на слични места како Њујорк – вели Вајн.