Локалитетот Гимбабица датира од средината на 4 век пр. н.е.

877

Археолозите, кои и годинава ја откриваа античката приказна за Преспа, потврдуваат дека раноантичката некропола кај селото Избишта е постара од претпоставениот период

Деновиве завршија годинашните археолошки истражувања на раноантичката некропола Гимбабица кај преспанското село Избишта, која археолозите ја нарекуваат и „вечното почивалиште на воини, дами, а можеби и на металурзи, кои живееле пред повеќе од 2.300 години“. Некрополата се наоѓа крај патот за Охрид, кој минува преку Битола и Ресен, а летово таму истражуваше тим од Археолошкиот музеј на Македонија, раководен од археологот Перо Арџанлиев, кој го сочинуваат и археолозите: Радомир Ивановиќ, Игор Ефтимовски, Илија Бошковски и Роберт Петковски. Тие, почнувајќи од лани, повторно ја актуализираа археолошката приказна за Гимбабица, која беше затворена 65 години.

– Токму споменатиот пат за Охрид, кој наедно ја следи милениумската патна траса што Римјаните ја нарекле Виа Егнациjа, е основната причина поради која денес знаеме за Гимбабица и за животите на луѓето што биле погребани таму. Имено, со изградбата на патот во 1953 година, сосем случајно, над избишката воденица на Голема Река, биле уништени неколку древни гроба и бил собран керамички материјал. По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов од Музејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр. н.е. Со истражувањата во 2018 година, успеавме точно да ја лоцираме и хронолошки да ја потврдиме некрополата, додека, пак, оваа година фокусот на истражувањата беше насочен кон добивање повеќе информации за нејзината организација, гробните форми и ритуали и откривање нешто повеќе за животните приказни на луѓето што се погребани тука. Она што е интересно е дека годинашните истражувања потврдуваат дека некрополата е постара од тоа што претходно мислевме, односно дека има гробови што датираат и од средината на 4 век пред нашата ера, а не е исклучено со идни истражувања да се покаже дека таа е и уште постара – посочи раководителот Арџанлиев. Тој укажува и дека преминот од 4 кон 3 век пр. н.е. бил турбулентен за живеење во охридско-преспанскиот регион, исполнет со различни промени и предизвици во начинот на живот, културните текови и општественото уредување. Во ова време, регионот бил приклучен кон македонското кралство на Филип Втори и неговиот син Александар Трети Македонски. Периодот на промени јасно се одразил и во двете различни погребни форми засега откриени на Гимбабица.

Од една страна е присутна постарата форма на кружни гробови со насип, наречени тумули, кон средината на некрополата, а од друга страна се јавуваат и помлади правоаголни гробови – цисти, на нејзината периферија. Во еден случај, посочуваат актуелните истражувачи археолози, помладите правоаголни гробови биле така вкопани што уништиле и една половина од кругот на постара погребна конструкција. Откриените копја и ножеви, пак, се смета дека укажуваат на жива војничка култура меѓу жителите на заедницата, која се погребувала кај Гимбабица.

– Не смее да се заборави дека токму некаде во регионот на двете езера, Охридско и Преспанско, се одиграла големата битка кај Пелион, помеѓу Александар Македонски и здружените илирски сили на Клејтос и Главкија во 335 година пред нашата ера за која дознаваме од историските извори. Но овие луѓе знаеле и за убавите работи во животот за што сведочат откриените трпезни керамички и бронзени садови за вино, ѓердан од стаклени перли, бронзен накит и еден примерок на стригил – метална алатка за стругање нечистотии од кожата. Во гробот со стригил била пронајдена и железна алатка, која можеби била користена за некаква рударска или металообработувачка дејност. Ова не би требало да изненадува имајќи предвид дека некрополата се наоѓа на падините на планината Бигла, која заедно со Плакенска и Илинска Планина формираат венец, кој е рудоносен и бил рударски активен до минатиот век – велат археолозите.

Тие укажуваат дека рудните резерви на регионот, веројатно, биле и основата за богатството на заедницата, која ја формирала далеку попознатата Требенишка некропола, која се наоѓа на нешто повеќе од 20 километри по воздушна линија од Гимбабица и чии последни хоризонти на погребување временски коинцидираат со неа. Дел од богатството на Требениште можеше и да се види на неодамна затворената, јубилејна изложба во Археолошкиот музеј во Скопје, по повод еден век од нејзиното откривање.

– Веќе две години Гимбабица наоѓа свој начин како да нѐ изненади и верувам дека крие уште многу важни информации за животот и културата во овој крај од пред повеќе од 2.300 години. По теренските истражувања продолжуваме со кабинетска анализа и проучување на добиените податоци и материјалот, а потоа со јавно публикување на резултатите. Гимбабица и Преспа нудат уште многу години вредна археолошка истражувачка работа – заклучува раководителот на истражувањата Перо Арџанлиев.