Ликовна критичарка уништила скулптура на мексиканскиот уметник Габриел Рико

73

Мексиканската ликовна критичарка Авелина Леспер (46) ја уништила скапоцената модерна скулптура на мексиканскиот уметник Габриел Рико на реномираниот уметнички саем „Зона Мако“ во Мексико Сити. Таа, како што деновиве пренесе „Гардијан“, изјавила дека случајно ја здробила инсталацијата кога крај неа ставила празна лименка од безалкохолен пијалак за да го изрази својот презир кон делото – стаклена плоча во која се вградени камен, фудбалска топка, нож, гранка од дрво, тениско топче, перо и уште еден предмет.

Рико во своите дела спротивставува предмети што ги изработува човекот со оние од природата. „Беше како делото да го слушна мојот коментар и почувствува што мислев за него. Делото се распарчи во ситни делови и падна на подот“, изјавила Леспер за „Миленио“, мексиканска медиумска групација што ги објавува нејзините колумни. Таа нагласила и дека ѝ било кажано дека делото вредело 20 илјади американски долари. Но, случајност или провокација, галеријата го критикувала однесувањето на критичарката.

– Нејзиното приближување до делото за да може да ја стави лименката крај него за да го фотографира како критика несомнено го предизвика уништувањето – укажале од галеријата ОМР, додавајќи дека со тоа Авелина Леспер покажала големо непочитување и непрофесионализам.

Галеријата истакнала дека делата на Габриел Рико се ценети од страна на колекционерите и уметничките институции. Директорот на музејот „Соумаја“ во Мексико, Алфонсо Миранда, изјавил дека инцидентот претставува трагедија. Некои, пак, на социјалните мрежи го пофалиле уништувањето на делото како перформанс и го критикувале продавањето на уметничкото дело, кое се состоело од користени и пронајдени предмети. Леспер изјавила дека на галеријата ѝ понудила да го остават смачканото дело за да ја покажат неговата еволуција. Кога ја одбиле таа идеја, таа се понудила да го поправи. Галеријата, пак, на тоа одговорила дека пред следните чекори ќе се консултира со уметникот.