Културната соработка покажува како Македонија и Бугарија треба да се почитуваат

567

Македонија и Бугарија продолжуваат да се уважуваат на културен план, наспроти влошените односи предизвикани од неразумните барања на Софија и бугарската блокада за евроинтеграциите на земјава. Очигледно е дека политичките несогласувања не и наштетија на културната соработка која и натаму функционира, покажувајќи го начинот на кој соседите треба да се почитуваат меѓусебно.

Доказ за соработката на културен план претставува и рециталот „Фантазија“ на бугарскиот пијанист Евгениј Генчев, кој утре ќе настапи во Камерната сала на Филхармонија (од 20 часот).

На програмата се дела од елегичниот Албинони и романтичните Шопен и Лист.
Бугарскиот пијанист Евгениј Генчев настапува во Европа, Северна Америка, Азија и во Австралија и е добитник на повеќе од педесетина национални и интернационални награди на натпревари за пијано. Неговите изведби биле пренесувани и на телевизиски програми како РТЛ, АРД, ЗДФ, Дојче веле и др. Исто така настапувал и во телевизиското шоу на Хајди Клум – „Топ модел“, на фестивалот „ПаРус“ во Дубаи, заедно со Лука Шулиќ и Филип Киркоров…

Генчев настапувал на многу концертни сцени во светов – „Кофман центар“ во Њујорк, Филхармонијата во Минхен, „Алтре опер“ во Франкфурт, „Бриџвотер хол“ во Манчестер, „Мерцедес арена“ во Берлин, Центарот на национални уметности во Мексико Сити, филхармониската сала „Глинка“ во Санкт Петербург, Националниот центар за изведувачки уметности во Пекинг…

Последнава сезона настапуваше со Филхармонискиот оркестар во Мексико Сити, со полската филхармонија „Фредерик Шопен“ во Гдањск, со филхармонискиот оркестар ЛИСМА во Њујорк, со Симфонискиот оркестар во Пловдив, соработувајќи со диригенти како Максимилијано Калди, Аркади Лејтуш, Језус Месина, Жан -Паскал Тортелие…
Евгениј Генчев е роден во Бугарија, а пијано учел во националното училиште за музика и танц „Добрин Петков“ во Пловдив. Својата едукација ја продолжува на Кралската академија во Лондон и на интернационалната пијано-академија „Инконтри кол маестро“ во Имола, Италија. Исто така ја има завршено и програмата за уметничка диплома на училиштето за музика и драма „Гилдхол“ во Лондон.

Македонската публика ќе има прилика да ужива во изведбата на Генчев, со што ќе даде пример за добрососедство, наспроти влошените политички односи со Бугарија.