„Културата во земјите во транзиција“ – монографија на 14 македонски и словачки автори

199

„Културата во земјите во транзиција“ – македонско-словачка монографија со прилози од 14 автори беше промовирана денеска на Скопскиот универзитет, во која тематски се актуелизира степенот на влијанието на културата врз процесот на транзиција во Централна и Југоисточна Европа и се толкува од различни аспекти. Изданието е проект на професори и научници од Институтот за македонска литература од Скопје и од Катедрата за културологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра.

Проф. д-р Илија Велев, еден од рецензентите на книгата, рече дека идејата била да се направи истражувачки осврт кон ангажиран предмет на проследување, толкување и презентирање во услови кога денес Европа се соочува со прашањето дали е завршен патот на транзицијата или тој е бесконечен во непрекинатото траење.

-Односно, ако политичките идеологии или економските стрктурни движења го изодеа или сè уште го изодуваат некаде патот на транзицијата, тогаш дали културните традиции и современите национални културни идентитети успеале да се приспособат на новите барања на нашево време. Оттука, и нашето критичко опсерврирање на овој зборник го проследивме преку аспектот на текот или на инерцијата на транзицијата на културите во глобалниот свет на европоцентризмот – рече Велев.

Раководители на проектот и уредници на изданието се Маја Јакимовска-Тошиќ и Катарина Габашова. Билатералниот истражувачки проект го поздравија ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и амбасадорот на Словачка Хенрих Маркуш, кои нагласија дека тој е уште еден во низата проекти произлезени од плодната повеќегодишна научна соработка меѓу УКИМ и Универзитеот „Константин Филозоф“ во Нитра. Меѓу нив се и двете македонско-словачки научни конференции посветени на наследството на Кирил и Методиј во 2013 во Нитра и во 2015 во Скопје.

Словачкиот амбасадор Маркуш на промоцијата посочи дека културните врски на Македонците и Словаците се согледуваат во мисијата и духовното наследството на Кирил и Методиј и на нивните ученици Климент и Наум.

-Тие се постојан и значаен извор за натамошен и современ развој на меѓудржавна соработка на нашите две земји, не само во областа на културата и образованието, туку и во другите сфери на општествениот живот, вклучувајќи ја и политиката и економијата, рече Маркуш. Истакна и дека Словачка е единствена земја во светот која духовното наследство на Кирил и Методиј го има вградено во преамбулата на својот Устав.

Ректорот на УКИМ Јанкуловски во оваа пригода му ја врачи на проф. д-р Мартин Хетенји од Универзитетот во Нитра благодарницата која таа високообразовна институција ја доби во 2017 години за афирмација на македонистиката, по повод 50 години од Меѓународниот семинар за македпнски јазик, литература и култура во Охрид.