Крунисување

95

Во март 1883 година, во екот на оркестрирањето на операта „Мазепа“ (работена според истоимената историска поема на Пушкин), Петар Илич Чајковски (1840-1893) добил две необични порачки: свечен марш, кој би бил изведен на денот на крунисувањето на царот Александер Трети, и кантата за градот Москва.
Чајковски бил композитор што сакал да го следи сопственото творечко темпо, не сакал да му се наметнува ништо, не сакал да ја прекинува работата на едно дело за да пишува друго, неволно примал порачки.

– Моите планови околу операта беа прекинати од две неочекувани и многу тешки порачки на кои се инсистира. Градот Москва порача од мене церемонијален марш, кој ќе се изведе на прославата по повод крунисувањето на суверениот во „Соколники“… Едвај успеав да се помирам со фактот дека треба да се оттргнам од операта заради маршот, кога одненадеж добив писмо од организаторите на прославата, тие бараат од мене да напишам и кантата. Двете дела, особено кантатата, треба да бидат готови многу скоро и таа помисла ме исполнува со страв – ѝ напишал Чајковски на неговата постојана мецена, Надежда фон Мек. Кон крајот на март скиците за двете дела биле готови, па почнал да работи на нивното оркестрирање, а истовремено почнал да ги преработува и за пијано. Двете готови композиции биле испратени навреме.

„Крунидбениот марш“ бил праизведен, како што било планирано, на 23 мај 1883 година во паркот „Соколники“ во Москва под диригентската палка на Сергеј Танејев, а потоа и во Санкт Петербург, со изменет наслов „Фестивалски марш“, на четвртиот симфониски концерт на Руското музичко здружение, со Макс фон Булов како диригент. Чајковски го диригирал својот марш многу подоцна – на свеченото отворање на „Карнеги хол“ во Њујорк, на 23 април 1891 година.
Целосната, оркестарска верзија на манускриптот за „Крунидбениот марш“ се чува во Националниот музејски конзорциум на музичката култура „Глинка“ во Москва, под оригиналниот наслов „Торжествен марш“.

Лада Шоптрајанова Петровска