Кратка историја на македонскиот 19 век

186

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје од печат излезе најновата книга на новинарот и публицист Свето Стаменов „За македонскиот 19 век (радиоинтервјуа со Славчо Ковилоски)“. Книгата е своевидна збирка од 9 интервјуа реализирани во рамките на редовната попладневна програма „Актуелно“ на Македонското радио од 2017 до 2019 година со Славчо Ковилоски, кој е научен соработник во Институтот за македонска литература, културолог, книжевен историчар, поет и прозаист, еден од ретките македонски истражувачи што работат на проблематиката на 19 век.

– Темите на прашањата на кои одговара Ковилоски се поврзани со македонската книжевност и култура и, воопшто, со состојбите во Македонија во 19 век, најсудбоносен за македонската историја, односно поконкретно се однесуваат на културно-политичката состојба во Македонија, на Македонија како „јаболко на раздорот“ на Балканот и во Европа, на пробивот на западноевропските влијанија во Македонија, на црковното прашање и за обновата на Охридската архиепископија – вели авторот.

Книгата ги опфаќа и прашањата за почетоците и развојот на македонската книжевност во 19 век (жанрови, дела, автори), на македонското фолклорно богатство, на животот и положбата на македонските жени во градовите и во селата, на спецификите на македонското јазично прашање, како и на Григор Прличев, еден од најзначајните културни и општествени дејци на македонскиот 19 век, на Крсте Петков Мисирков и неговото место во македонската историја, на филолошкиот профил на Блаже Конески и неговата улога во стандардизацијата, развојот, негувањето и афирмацијата на македонскиот литературен јазик, на идентитетски прашања итн.

На книгата може да се гледа и како на еден вид кратка историја на општествено-историските и културните настани и процеси што се одвивале на македонска територија во 19 век.