Концерт на мешаниот хор „Драган Шуплевски“ во Прилеп

162

Вечерва во 20.00 часот во ликовниот салон од ЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при ФМУ – Скопје, по диригентската палка на Сашо Татарчевски. На програмата се дела од Моцарт, Брукнер, Денев, Гајдов, Скаловски, Зографски и Прокопиев.

Хорот „Драган Шуплевски” при ФМУ Скопје е значаен фактор во музичкиот живот на Република Македонија. Покрај редовните концерти, хорот учествува и во проекти заедно со другите ансамбли на ФМУ и на реномирани музички фестивали. Својот квалитет и напредокот во последните неколку години хорот го потврдува и со освојувањето на награди на меѓународни хорски натпревари, како во Варшава Полска, Римини Италија, Краков Полска,…

Диригентот Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ Скопје, а посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург. Има настапувано со голем број ансамбли. Има освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Русија, Австрија, Полска и Франција. Во моментов работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ-Скопје, уметнички раководител на професионалниот хор „Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ. Член е на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.

Ка.М.