Концерт на етноџез-група од Швајцарија и машки хор од Унгарија

175

Концерт на „Томе Илиев Секстет“, етноџез-група од Швајцарија, ќе се одржи вечерва, во 21.30 часот, во „Куршумли-ан“, во рамките на „Скопско лето“. Во групата се: Томе Илиев – кларинет, бас-кларинет, композитор, Флоријан Вајс – тромбон, Франсис Лана – пијано, Валентин Баумгартнер – гитара, Горан Гешовски – бас и Адријан Бекли – тапани.

Со над 120 концерти и настани во 2017 и 2018 година, Томе Илиев е еден од најуникатните кларинетисти на својата генерација, свирејќи го активно секој музички жанр, од класика, џез, па до светска, балканска, бразилска и афро- кубанска музика. Во моментов работи како професор по кларинет во музичкото училиште „Хуг“ во Цирих, во музичката компанија „Рорбас“ во Цирих и е диригент на дувачки бенд во Мелинген, Аргау. Редовно настапува во Швајцарија, Германија, Франција, Австрија и во балканските земји. Има учествувано на безброј мастер-часови по класика, џез-работилници и летни академии.

В недела на „Скопско лето“ ќе се одржи концерт на машкиот камерен хор „Св. Ефраим“ од Унгарија, со почеток во 20.30 часот, во црквата „Рождество на пресвета Богородица“. Концертот е во соработка со Амбасадата на Унгарија. Машкиот хор „Св. Ефраим“ го доби името според сирискиот светец, кого го викале Арфа на Светиот Дух, кој користел музика за да ја шири божјата љубов. Главната цел на овој хор е да го истражува, презентира и да го шири вокалното наследство на христијанската византиска во Унгарија и во странство. Хорот ја негува богатата унгарска музичка литература за машките хорови и ги популаризира делата на вредните современи хорови. Уште од 2002 година, хорот прерасна во најпопуларна вокална група на Унгарија. Основачот и уметничкиот директор, Тамаш Бубно, беше добитник на наградата „Лист“, како и добитник на Унгарската награда за уметнички заслуги во 2017 година. Меѓународниот успех започна во 2006 г. на Меѓународниот фестивал на православна музика во Полска, каде што „Св. Ефраим“ ја доби првата награда во професионалната категорија, станувајќи прв и последен хор со несловенско потекло што добил награда. Досега има издадено 10 албуми, од кои едниот, насловен „Bizantine Mosaics“ ја доби наградата „Суперсоник“ во 2010 г. во Луксембург.