Концерт на Гал Фаганел и на Маја Божиновска

62

Во рамките на „Скопско лето“, вечерва, концерт во „Даутпашин амам“ ќе одржат виолончелистот Гал Фаганел, кој живее и работи во Словенија и САД, и македонската пијанистка Маја Божиновска. Концертот чиј влез е слободен започнува во 20:30 часот.

Гал Фаганел, кој се смета за реномиран изведувач, наставник, ментор и артист, честопати учествува во рецитали, на концерти на камерна музика и како солист со оркестар низ Северна Америка и Европа. Победник е на многубројни натпревари, а меѓу другото истражувал и снимал музика за виолончело од словенечки композитори. Фаганел подучува виолончело и предава камерна музика како професор на Универзитетот во Северен Колорадо, а редовно води мастер-часови и подучува на летни музички програми во САД и низ Европа.

Пијанистката Маја Божиновска (1993) е родена во Битола, каде што завршила основно и средно музичко училиште. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирала под менторство на светски познатата Лилја Зилберштајн (Русија/Австрија).

Учествувала на најразлични културни манифестации и фестивали во земјава, а и за време на своето образование редовно одржувала концерти и рецитали. Настапувала и во Србија, Косово, Франција, Италија, Австрија. Соработува со голем број уметници и реализира различни настапи, меѓу кои е и турнејата низ Македонија каде што концертира со пијанистката Мимоза Ќека во дуо пијано. Членка е на Камерниот оркестар на Битола, а од 2015 година работи како професорка во Државното музичко училиште во истиот град, каде што остварува видни резултати со своите ученици.