Концерт за четирирачно пијано на дуото Марија Ѓошевска и Елена Атанасовска-Ивановска

54

Концерт за четирирачно пијано ќе изведат пијанистките Марија Ѓошевска и Елена Атанасовска-Ивановска вечер од 20 часот во Македонската филхармонија. На програмата се свитата „Оревокршачка“ од Чајковски/Лангер, „Карневал на животните“ од Сен-Санс/ Гарбан и Македонска парафраза бр.2 од македонската композиторка Бете Илин.

Соработката меѓу Елена Атанасовска-Ивановска и Марија Ѓошевска почнала уште во Нижото музичко училиште преку изведба на Концерт за две пијана на Бах. Имаат и голем број полурецитали во Нижото и во Средното музичко училиште во Скопје и низ Македонија.

На Факултетот за музичка уметност, пак, во класата на проф. Борис Романов, почнува нивното заедничко дружење преку музиката, каде што постојано се придружуваат на сите клавирски концерти кои бараат пијано-придружба.

Дуото официјално почнало да концертира на фестивалот „Златна лира“ во 2009 година, а нивниот репертоар за краток период ги вброил сите капитални дела од светската литература за две пијана.