Концерти за деца „Што е тоа… гудачки квартет?“

191

Виолинистката Пламенка Трајковска со својот гудачки квартет денеска ќе одржи два концерта за деца, со почеток во 12 и во 18 часот, во малата сала на Македонската филхармонија.

– Откога експресно се продадоа билетите за првиот концерт, квартетот со поддршка на Македонската филхармонија одлучи да организира уште еден концерт во 18 часот. Во текот на денот и за овој концерт се продадоа многу билети и можно е да биде организиран уште еден трет концерт во 20 часот за сите заинтересирани да уживаат во концертот – вели Трајковска.
Ова е почеток на новиот проект на Пламенка Трајковска и „Мали камерни состави“ посветен на децата и младите.

Целта на серијата концерти со наслов „Што е тоа..“ е да се обиде да ја доближи класичната музика до најмладите слушатели. Првиот дел од проектот се однесува на гудачките инструменти и музичките состави, кои децата и младите, преку интерактивен и мултимедијален концерт, ќе можат да го видат, слушнат и почувствуваат. Концертот ќе вклучува и сценски движења и мултимедијални елементи преку кои учесниците ќе ги однесе во светот на класичната музика и ќе ги запознае со музичките инструменти и начинот на музицирање на виолина, виола и виолончело.
На концертите покрај Пламенка Трајковска ќе настапат Наташа Диденко, Љубица Бошкова и Маја Михајловска, професионални музичарки, вработени во Македонската филхармонија.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и од Македонската филхармонија, а билетите може да се купат на билетарницата на Македонската филхармонија.