Комеморација во чест на балерината Вера Бранѓолица

133

Почина Вера Бранѓолица, основоположничка на македонската балетска сцена.
На 82-годишна возраст почина балерината Вера Бранѓолица, родена Божиновска, еден од основоположниците на балетската сцена во Македонија. Родена е во Скопје, во 1936 година, и од својата 14-годишна возраст почнува плодна кариера во балетот, во која има остварено многу улоги во нејзината матична куќа – Македонската опера и балет. Нижо и средно балетско училиште завршува во Скопје во класата на Ѓорѓи Македонски и Нина Кирсанова.

Од 1949 до 1976 година таа е член на Балетот при МНТ. Како истакната солистка, изразено музикална и со извонредно чувство за драматуршко обликување на улогите, таа има одиграно многу улоги во безброј балетски претстави, меѓу кои: Кармен во „Кармен“ од Жорж Бизе, улога со која ја заврши својата професионална кариера, Воденичарка во „Трирогатата шапка“ од М. Де Фаља, Тамара во „Тамара“ од М. Балакирјев, Дадилка во „Ромео и Јулија“ од С. Прокофјев, „Танц на кадетите“, цигански танц во операта „Травијата“, Дон Кихот и многу други.

Комеморација во чест на Вера Бранѓолица ќе се одржи во Македонската опера и балет денеска, со почеток во 12.30 часот.