Комедијата „Одам на лов“ премиерно во Велешкиот театар

24

Театарот „Јордан Х.К-Џинот“ од Велес, в сабота, во 20 часот, на големата сцена премиерно ќе ја изведе комедијата „Одам на лов“ од францускиот автор Жорж Фејдо, во режија на Деан Дамјановски. Делото е напишано во 1892 година и досега е поставена на многу сцени во светот.

– „Одам на лов“ е осовременување на една класична комична фарса, во насока на излегување од нејзиниот херметизам и отворање кон актуелниот општествено-социјален момент. Жанровски таа личи на своевиден телевизиски ситком, со сите негови типизирани ликови и заплети, но таков, во кој на моменти гледаме од другата страна на кулисата, од другата страна на смеата – истакна режисерот Дамјановски.

Во претставата настапуваат актерите: Маја Љутков, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Самоил Стојановски, Жарко Спасовски, Кети Борисовска, Талија Настова и Исидор Јовановски. Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Елена Вангеловска, изработката на костимите е на Раде Василев, а изборот на музиката на Горан Трифуновски-Пајак.