Комедијанти

82

Дмитри Кабалевски (1904-1987) спаѓа меѓу руските композитори и педагози што оставиле длабок печат во историјата на музиката. Во некогашниот голем Советски Сојуз добил голем број признанија за своето творештво, за педагошките достигнувања и за лојалноста кон државата. Во раните години пишувал најмногу за својот најсакан инструмент, клавирот, а подоцна им се посветил на вокално-инструменталните форми – ораториум, оперета и опера. Негова најзначајна опера е „Кола Брењон“, базирана на истоимената новела на Ромен Ролан (1866-1944). Сепак, негово најпознато или, пак, најизведувано дело е оркестарската свита „Комедијанти“.

Првично, во 1938 година, Кабалевски напишал музика за една претстава во Централниот детски театар во Москва, а потоа во 1940 година на музиката ѝ дал нов живот во форма на оркестарска свита. Претставата не доживеала некој особен успех, но затоа свитата се закитила со светска слава. Низ десетте става: „Пролог“, „Галоп“, „Марш“, „Валц“, „Пантомима“, „Интермецо“, „Мала лирска сцена“, „Гавота“, „Скерцо“ и „Епилог“, Кабалевски нѐ спријателува со една патувачка трупа. Освен рускиот мелос, толку препознатлив кај сите руски композитори, свитата се карактеризира и со необичен хумор и инвентивна употреба на брз ритам. Интересната ритмичка структура не се среќава само кај удиралките, Кабалевски мајсторски ги оркестрирал и лимените дувачки инструменти, давајќи им улога на одржувачи на свежината на ритамот. Во „Интермецото“ и во „Скерцото“, Кабалевски направил своевиден омаж на Феликс Менделсон (1809-1847). Овие два става се, всушност, реминисценција на интермецото и скерцото на Менделсоновиот „Сон на летната ноќ“. Во „Епилогот“, како заокружување на свитата, воскреснува темата од воведниот став.

Од сите става на свитата, најпознат и најизведуван самостојно е „Галопот“. Освен на концертните подиуми, во Јапонија се изведува и како неофицијална химна на Спортскиот ден, јапонски национален празник што се одржува секоја година во вториот понеделник во октомври, во слава на отворањето на Олимписките игри во Токио во 1964 година. Олимпијадата оваа година повторно се враќа во Токио, па се надевам дека „Галопот“ на Кабалевски ќе го разубави и отворањето на 24 јули.

Лада Шоптрајанова Петровска