Колодиумската фотографија е неповторлива

602
Членовите на „Македокс“ во „Куршумли-ан“

Сашо Н. Алушевски, фотограф

На еден од старите камени ѕидови на „Куршумли-ан“, каде што до минатата недела се одвиваше фестивалот „Македокс“, беа изложени фотографии направени со мокар колодиумски процес, фототехнологија од 19 век. За каква технологија станува збор и од каде ја набавивте опремата што ја користевте?
– Станува збор за мокар колодиумски процес, еден од првите фотографски процеси, измислен во средината на 19 век. За тоа време крајно револуционерен, поради квалитетот, острината и богатството на детали, кои сѐ уште се тешко достижни и со современата техника, како и поради скратувањето на времето што е потребно за да се направи една фотографија. Што се однесува до опремата, тоа не е фотоапарат, кој е специфично наменет за стаклени плочи (на кои јас ги изработувам фотографиите) и кај нас сѐ уште можат да се најдат фотоапарати соодветни за оваа намена. Мојот апарат го најдов на оглас, кај нас. Ништо спектакуларно, но дури откако сам исконструирав два претходни. На фестивалот за работилницата користевме неколку камери, некои ги донесе мојот мајстор Уза кај кого пред една година научив многу повеќе за сето ова отколку што претходно сам со години се трудев да совладам.

Колку оваа фототехнологија се користи денес во филмската и во фотоиндустријата во светот и што сѐ е потребно за тоа?
– Според моите сознанија, околу 2.000 луѓе во светот моментално се занимаваат со ваков тип фотографија, која во последно време станува популарна, па можеби и тој број е сега поголем. Филмови не можат да се прават на овој начин, барем јас не би можел да замислам како. А што сѐ е потребно? Листата е долга, затоа во овој процес човек сѐ прави сам, сам го правам „филмот“ односно емулзијата и сите други потребни хемикалии. Но клучни се страста и трпението, бидејќи, освен страста за овој тип естетика, нема ни една практична причина зошто некој би се занимавал со ова во денешно време. Ако има дигитални апарати, кои имаат можност да направат 10 фотографии во секунда, мојата најголема брзина е една фотографија на 10 минути. Денес дури има и готови алатки со кои секоја дигитална слика може да се направи да изгледа како колодиумска фотографија. Па некој може и да се праша, чуму сета мака? Самиот процес е вид ритуал и бара значаен физички, психички и емоционален напор, но за мене наградата е неспоредливо поголема. Иако квалитетот на овие фотографии е сѐ уште ненадминат на многу нивоа, целосно сум свесен дека нема многу луѓе на кои оваа естетика им е блиска, но за мене нема поголема радост од тоа кога имам добар портрет. Со ризик дека влегувам во преголемо мистифицирање, за мене е фасцинантно како колодиумот и долгата експозиција ги покажува луѓето во едно поинакво, според мене, подлабоко светло. Ни покажува некоја не баш позната страна од нас самите. Секоја фотографија направена на стаклена плоча со колодиумскиот процес е единствена и не е возможно да се направат две исти, па колку и да се контролирани условите во кои таа настанува. Секоја е неповторлива, тоа е исто така нешто што придонесува за вредноста, како и за мене многу важните „грешки“, кои се совршен и уникатен зачин на секоја фотографија и неверојатно добро функционираат на секоја од нив. Многумина од луѓето што се нарекуваат фотографи денес сѐ уште се залудени по скапа техника и бркаат „совршени“ бои, композиција, острина и слично, што за мене е чист турбофолк, кој и се случува на фотографијата како и на сите други сегменти од животот, односно, најголем дел од она што се прикажува денес е многу далеку од самата суштина на фотографскиот медиум или фотографската уметност. Според мене, вредноста, смислата и начинот како да се прават фотографиите се на друго место. И да, знам дека сум малцинство. Едно весело малцинство. Но од друга страна, тоа се и вредностите врз кои е изграден и „Македокс“, па еве функционира и сѐ повеќе луѓе го препознаваат.

На изложбата „Лицата на Македокс“ посетителите имаа можност да видат колодиумски фотографии со луѓето што го чинат јадрото на фестивалот. Колку од посетителите ја искористија можноста да се фотографираат и какви им беа реакциите?
– Тоа е прва изложба од ваков тип кај нас. Ми беше важно и драго да му ја подарам на „Македокс“, односно тука да се случи првата изложба од ваков тип кај нас. По моите сознанија немало друга, никогаш. Не знам ни за наш фотограф што користел колодиум-техника. Милтон и Јанаки, ако се тоа првите сниматели кај нас, користат веќе посовремена фотографска технологија. Претходно во јавноста се појави плакат за перформансот „Метаморфоза“ на Ивана Коцевска за годинашното „Скопско лето“, направен на стаклена плоча. На Ивана сакам тука јавно да ѝ се заблагодарам за храброста и довербата на таков начин да го претстави својот перформанс. На „Македокс“ немаше многу заинтересирани за фотографирање. Можеби погрешно пристапивме, веројатно и времето за фотографирање (пред да почнат проекциите) не им одговараше на луѓето, не би знаел. Но затоа јас имав полни раце работа, затоа што ги фотографирав членовите на жиријата и другите гости.

И вие сте дел од јадрото на „Македокс“, како фотограф што ги меморира случувањата во секое негово издание, како гледате на досегашниот развој на овој фестивал на креативен документарен филм?
– Како дел од онаа група луѓе што го иницираа фестивалот, можам да кажам: „’Македокс’ е чудо!“ Просто е неверојатно како е можно да постои еден таков фестивал, на таков начин. Тоа го знаеме и ние однатре, а гледам дека и публиката сѐ повеќе го препознава тоа.