„Коегзистенција“ – тема на ликовната колонија во Галичник

44

Предноста на новите технологии овозможува и во вакви кризни времиња да ги одржуваме културните манифестации што се препознатливи по својот квалитет и во светот, а интернет-платформите ќе ни обезбедат близок виртуелен контакт со меѓународните уметници, велат организаторите

Девет македонски, и по нивен предлог исто толку уметници од странство, ќе учествуваат на годинашната 31. сесија на ликовната колонија во Галичник, која поради состојбата со ковид-19, ќе се одржува и онлајн од 15 до 25 август. Имено, домашните учесници ќе престојуваат и ќе работат во планинското село Галичник, додека нивните колеги од различни земји ќе партиципираат онлајн, концепт со кој треба да се овозможи задржување на меѓународното реноме на оваа позната манифестација, но истовремено и на едните и на другите уметници да им се понуди можност за уште попродлабочена меѓусебна соработка.
– Оваа година колонијата има и тема „Коегзистенција“, која ја третира релацијата (изгубена) помеѓу природата и човекот (а Галичник со своите природни убавини се надеваме дека ќе придонесе кон преиспитувања за оваа искината нишка), релација или коегзистенција на видливиот свет со невидливите опасности (вирусите и пандемиите ш нѐ демнат), коегзистенцијата на уметноста и општеството, уметноста и политиката, уметноста и екологијата, уметноста и технологијата. Секој друг меѓуслој на читање на концептот е возможен, а интенција е барем на минорно ниво да се остави трага или белег на времето во кое живееме сега – вели Ана Франговска, организаторката и кураторка на колонијата.

Таа напоменува дека заради поголема безбедност и избегнување на групирањата, уметниците ќе бидат поделени во две сесии по пет дена и ќе се придржуваат до сите протоколи за заштита на здравјето на сите учесници.
Од Македонија на колонијата ќе учествуваат: Ненад Тонкин, Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Тања Ристовска, Зоран Шеќеров, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска, додека како интернационални учесници се најавени: Жангхонг Лиао (Кина), Бурим Муфтиу (Косово),Тарлан Лотфизаде (Иран), Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ (Србија), Франциско Томшик(Уругвај), Ивана Радовановиќ (Црна Гора), Рубен Бас (Холандија) и Том Лујтен (Белгија).

– Предноста на новите технологии овозможува и во вакви кризни времиња да ги одржуваме културните манифестации што се препознатливи по својот квалитет и во светот, а интернет-платформите ќе ни обезбедат близок виртуелен контакт со меѓународните уметници, кои ќе се презентираат пред локалната публика, ќе се запознаат со другите македонските автори, ќе почувствуваат дел од магијата на прекрасниот Галичник и ќе имаат блиска соработка преку колаборативно креирање на едно уметничко дело со еден од македонските уметници – вели Франговска.