Книгата ја губи битката со кликањето лајкови

191
И студентите сè помалку читаат

Домашните издавачи и книжари се едногласни дека регрутирањето нови, млади читатели започнува во кругот на семејството, а продолжува на училиште. Попустите и акциите се мотивација главно за повозрасната публика

Празничните и зимските попусти и акции на домашните книжарници од почетокот на годинава, од кои дел сѐ уште траат, се покажуваат како мотивација за читателската публика, но за привлекување млади и нови читатели треба да се работи во домот и на училиште, сметаат издавачите.
– Вообичаено за празниците е пораздвижено од вообичаено, читателите ги следат попустите и ја дополнуваат својата домашна библиотека со насловите што ги сакаат. Задоволни сме, но секако, секогаш може и подобро – велат од „Или-или“.

Нивната мисија е регрутирање нови, млади читатели, вљубеници во литературата.
– Но таа приказна, сепак, започнува во кругот на семејството со вградување љубов кон книгите. За жал, чувствуваме како да ја губиме битката со ефемерното задоволување на потребите од кликање лајкови на социјалните мрежи – забележуваат тие.
Софија Стојков од издавачката куќа „Антолог“ се согласува со тоа дека може и подобро. Лани тие го започнаа големиот проект „Читаме заедно!“ за ширење на читателската публика, кој опфаќа превод и објавување книги за сите генерации читатели, различни промотивни активности со намера книгите да бидат што поприсутни во нашето секојдневие.

– Секако дека акциите наидуваат на поголем одзив. Тука има уште еден фактор, а тоа е куповната моќ на луѓето, кои ја сакаат книгата и ја користат секоја пригода за да ја збогатат својата библиотека – дополнува Стојков.
Според неа, ако дома не се негува љубовта кон книгата, децата тешко дека ќе научат да читаат повеќе книги надвор од домот. Таа забележува дека на крајот од една и почетокот на друга календарска година, убавите изданија наменети за најмладите читатели доаѓаат до израз.
Ниски цени и попусти можат да се најдат и кај издавачката куќа „Македоника литера“. Како што велат оттаму, тие уште со објавувањето им одредуваат релативно ниски цени на своите изданија.

– И покрај тоа, организираме повремени акции за продажба со намалени цени. А, всушност, за читателите што купуваат повеќе наши книги, во текот на целата година одобруваме попусти. Имавме и зимава акции со попусти, но делумно сме задоволни – велат тие.
Од „Македоника литера“ велат дека се свесни дека ниската цена е важен фактор, но исто така повеќе се бара комерцијална литература, а дека читателската публика на квалитетна литература е сѐ помала. Оттаму додаваат дека ваквите акции не влијаат многу врз младата читателска публика, кај нив треба да се влијае во семејството и во училиштата.
– И студентите сè помалку читаат. Последнава декада имаме катастрофално лошо високо образование. Од тоа катастрофално образование излегуваат катастрофално неедуцирани образовни кадри, кои книга не прочитале додека студирале и од нив не може да очекуваме кај децата да ја будат заинтересираноста за книгата – велат од „Македоника литера“.