Клаудиja Кардинале на Манаки во Битола

129

На годинашното издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола како специјална гостинка ќе гостува легендарната италијанската и светска актерка, филмската дива Клаудија Кардинале, која е прогласена за лауреат на специјалната награда „Златна камера 300”.

Ова високо признание кое и е доделено за особен придонес во светската филмска уметност, беше соопштено денеска на прес-коференцијата во Битола.

-Лично се ангажирав на Фестивалот да донесам едно значајно име од филмската уметност, Клаудија Кардинале, филмска дива која сѐ уште е активна и со успех се појавува и во поновите европски и холивудски филмови, актерка на која Фестивалот во Кан во 2016 година ѝ оддаде почит ставајќи го нејзиниот лик и става на фестивалскиот плакат, рече Гена Теодосиевска, директорка на „Браќа Манаки”.

Според зборовите на Теодосиевска, Кардинале, која има 80 години соработувала со едни од најзначајните режисери и актери во светот Федерико Фелини, Лукино Висконти, Блејк Едвардс, Жан Пол Белмондо, Ален Делон, Серџо Леоне, Чарлс Бронсон, Хенри Фонда и многу други, со улоги во филмовите „8 1/2”, „Роко и неговите браќа”, „Леопард”, „Девојката со куферот”, „Фицкаралдо”. Има снимено над 140 филмови и уште е активна.

Инаку фестивалот „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржи од 22 до 29 септември во Битола.

М.М.