Кинотеката ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство

35

Кинотеката на Македонија утре со неколку настани ќе го одбележи 27 Октомври, Светскиот ден на аудиовизуелното наследство. Кинотеката ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, учениците, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани. Годинешново мото под кое светските филмски архиви, музеи и институции поврзани со заштитата на културно наследство организираат изложби, проекции, предавања и слични настани по повод Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е „Вашиот прозорец кон светот“.
Во 12 часот ќе биде промовирано ДВД-изданието со пет дигитално реставрирани македонски играни филмови. Изданието ги содржи филмовите: „Три Ани“ (1959) на Бранко Бауер, „Жед“ (1971) на Димитрие Османли, „Македонски дел од пеколот“ (1971) на Ватрослав Мимица, „Татко (колнати сме Ирина)“ (1973) на Коле Ангеловски и „Хај-фај“ (1987) на Владимир Блажевски.
Филмовите во ова ДВД-издание хронолошки се реализирани во период од 28 години. За разлика од претходните ДВД-изданија на дигитално реставрираните филмови од целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсениј Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот на филмови што се дигитално реставрирани како дел од културното наследство беше резултат на меѓународната соработка на Кинотеката со други филмски архиви од некогашна Југославија.
Во киносалата на Кинотеката во 19 часот ќе се одржат неколку проекции на филмови.
Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го почна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуелното наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви.