Кинематографот Едвард Лакман ја крена публиката на нозе на фестивалот „Браќа Манаки“

207

Со врачувањето на наградите „Златна камера 300“ за животното дело на големиот кинематрограф Едвард Лакман и „големата звезда“ на македонскиот филм, што веќе четврта година по ред ја доделува Друштвото на филмски работници на композиторот Љупчо Константинов, како и проекцијата на филмот „Болка и слава“ на кинематограферот Хозе Луис Алкаине, во Битола свечено беше отворено 40 јубилејно издание на интренационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Честитајќи го 40-годишниот јубилеј на фестивалот, претседателот на државата, инаку покровител на фестивалот „Браќа Манаки“, Стево Пендаровски, истакна дека фестивалот е резултат на истрајноста и неуморниот ангажман во изминатите четири децении на сите коишто се вклучени во организацијата и во селекцијата на програмата. Со тоа, како што рече Пендаровски, доследно и посветено е чувано наследството коешто го оставија браќата Јанаки и Милтон Манаки.

– Сите ние овде денеска сме собрани за да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата. Тогаш тој воопшто не претпоставувал дека алатката која ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината. Битола стана Мека на сите кинематографери и како потпретседател на британското здружение на кинематографери дојдов овде да ви ги пренесам честитките и од најголемиот број на лауреати на овој фестивал во изминатите години – рече Најџел Волтерс, кој ги поздрави присутните гости на фестивалот од името на меѓународната асоцијација на кинематограферите, ИМАГО.
Најџел Волтерс

Многу емоции кај присутните во исполнетата сала на Центарот за култура предизвика обраќањето на годинашниот лауерат за животно дело „Златна Камера 300“, Едвард Лахман.

– Ова е ретка можност за мене. Многу слушав за Фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Да се биде во друштво на толку големи имиња кои биле лауреати, од кои дел биле мои ментори, како Свен Линквист, Роби Милер…Едноставно не знам дали припаѓам овде, во тоа наследство. Во овој дел од животот добивањето на едно вакво признание се чини дека е завршница, но мене ми се чини дека покажува оти тоа е постојан процес на учење едни од други и учење преку различни искуства. Патувањето е она што е важно, а не самата дестинација. Ова што денес се случува за мене е повторна посета, на сеќавања, на стари пријатели и на создавање на нови пријателства – рече Едвард Лахман.

Добитник на призанието „Големата звезда“ на макеоднскиот филм Љупчо Константинов, кој направи 35 авторски музики за филм, по добивањето на признанието исто така се обрати на публиката и рече дека во изминатите години некогаш бил повеќе, а некогаш помалку успешен, но и натаму ќе се труди да биде подобар и подобар.

Љупчо Константинов

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, која го понесе слоганот „Филмот ни припаѓа на сите нас“ се заблагодари на основачите на фестивалот и на сите кои помогнаа во реализацијата на истиот.

– За мене овој фестивал е мојата филмска школа. Јас од 1985 година сум дел од вас, од овој фестивал. Навистина можам да кажам дека овој фестивал е мојата голема љубов. Велат дека оние кои прашуваат ја носат светлината. Овие филмови кои ги одбравме за вас ќе ви постават многу прашања – рече Теодосиевска.

М.М.