Квартетот на Пламенка Трајковска гостува во Штип

70

Гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска вечерва гостува во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Концертот, почнува во 20 часот, а на програмата се дела од светските автори на класичната музика Леополд Моцарт, Франц вон Супе и Жак Офенбах и Хектор Берлиоз чии годишнини од раѓањето се одбележуваат годинава.

– Вечерва ќе слушнеме композиции на автори чии јубилеи се одбележуваат оваа година: Леополд Моцарт – 300 години од раѓањето,  Франц вон Супе и Жак Офенбах – 200 години од раѓањето и Хектор Берлиоз – 150 години од раѓањето. Одбраните композиции од авторите се репрезент на нивните најпознати дела адаптирани за гудачки квартет и на концертот ќе бидат изведени: Дивертиментото број 3 од Леополд Моцарт, Марш од Операта Бокачо од Франц Супе, Кан Кан од Жак Офенбах, Валцер од вториот став на Фантастичната симфонија на Хектор Берлиоз и други дела – вели виолинистаката Пламенка Трајквоска, која ја направи адаптацијата.

Освен неа дел од гудачкиот квартет се Наташа Диденко на виолина, Илза Балата на виола и Маја Михајловска на виолончело.

Овој гудачки квартет од почетокот на годината реализираше концерти во Кичево, Гостивар, а настапија и на Скопско лето. Целта на музичарите е доближување на класичната и камерната музика во сите центри на култура во земјава.

Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и е дел од Националната програма за култура за 2019 година.