Кармен Чаплин ќе го режира „Чарли Чаплин, човек на светот“

73

Режисерката, продуцентка и актерка Кармен Чаплин ќе го режира театралниот документарен филм „Чарли Чаплин, човек на светот“, во кој ќе внесе еден досега многу малку истражуван аспект на креаторот на најпознатиот талкач на планетата, еден од најголемите икони во филмскиот свет, ромските корени на Чаплин и неговото потекло. Неговата внука Кармен Чаплин го пишува сценариото за документарецот заедно со Амаја Рамирез, косценарист на „Уште еден ден во животот“, кој зеде награда за најдобар анимиран филм на Европските филмски награди.

Продуцентите во своите изјави го опишуваат филмот како документарец што „радикално го реинтерпретира опусот на Чаплин од ромска перспектива и го истражува прогонот на Ромите преку неговите очи“. Филмот го продуцираат Стени Копет, Долореш Чаплин и Ашим Бала од мадридскиот „Хуманитарен бран“, Рамирез од Сансебастијановиот „Канаки филмс“, како и Нано Ариета и Силвија Мартинез од мадридското студио „Атлантик пикчрс“

Копет открива дека „Хуманитарен бран“ постигнал договор со семејството Чаплин преку канцеларијата на Чаплин во Париз за да го снима филмот со своите партнери.
– „Чарли Чаплин, човек на светот“ ќе биде направен во соработка со францускиот MK2, кој поседува права врз филмовите на Чаплин. Во моментов филмот е во развој, а предвидено е да премине во продукција во првиот квартал на 2020 година. – додаде тој.

Режисерите велат дека се решени да ги надминат очекувањата на публиката за овој документарец во чест на мајсторот на немите филмови. Тие предвидуваат динамична фузија на анимација, филмски извадоци, интервјуа со артисти и децата на Чаплин, како и „синема верите“ снимки од ромскиот живот денес, споени со саундтрак од нови интерпретации на Чаплиновите оригинални композиции.

Продуцентите за овој документарец ангажираат два извонредни баскиски таленти. Врвниот кинематографер Горка Гомез Андреу (добитник на главната награда од Американското здружение на кинематографери во 2017 година, за „Куќата на другите“ и добитник на главната награда „Камераимиџ деби-награди“ за „Чаика“) ќе биде директор на фотографија, додека пак корежисерот на „Уште еден ден во животот“, Раул де ла Фуенте, ќе биде негов монтажер.

И самиот Чаплин не скри во својата автобиографија дека неговиот татко е полуром, исто како и неговата мајка. Чаплин немал извод од матичната книга на родените. Тој во масичката покрај својот кревет чувал едно писмо, кое го открила неговата ќерка Викторија Чаплин во 2012 година, писмо што тој го добил подоцна во неговиот живот, а во кое се тврди дека е роден во ромски карван во паркот „Блек пич“ во Сметвик, Стафордшир.

– Тој беше свесен за своето ромско потекло. Тој им кажа на татко ми и на неговите други деца дека имаат ромско наследство. Тоа беше нешто со што се гордееше, но беше многу занемарувано. Ромските корени, заедно со други фактори, го објаснуваат силното Чаплиново чувство за идентитет и создавањето на неговиот најпознат лик Талкачот, како и неговото спротивставување на Хитлер. Тоа можеби и на други начини влијаело врз неговите филмови. Чарли Чаплин беше самоук музичар, а тоа беше многу силна ромска карактеристика. Кога им кажувате на Ромите дека Чарли бил Ром, тие одговараат: „Очигледно!“. Тие го чувствуваат тоа во неговата смисла за хумор, неговиот начин на раскажување приказни, трагичната комедија во неговите филмови и нивната музика. Фактот дека најпрепознатливата претстава за човештвото, „Бездомникот“, е создадена од Ром и луѓето од целиот свет се идентификуваат со ликот претставува многу интересен концепт што сакаме да го истражиме – открива Кармен Чаплин за „Вараети“ на филмскиот фестивал во Сан Себастијан.

Испитаници за филмот ќе бидат членови на семејството Чаплин, ѕвезди што се поврзани или имаат ромски корени, како и други претставници на ромската култура и експерти, како Тони Гатлиф и Сточело Розенберг.

– Шетајќи низ Букурешт, пред неколку години, се фасцинирав од кучињата скитници и од Ромите. Според начинот на кој бараа храна додека се криеја од полицијата, ромските деца изгледаа како да доаѓаат директно од „Детето“ (немиот филм на Чаплин од 1921 година). Она што го видов им го раскажав на мои најблиски луѓе, Роми. Шокантно за мене, тие ги осудија овие деца како криминалци и ниски битија. Оваа средба со антиромска стигма остана да ме прогонува – се сеќава Кармен Чаплин.