Како да приготвите совршен чај

264

Една шолја силен чај е подобра од дваесет шолји слаб. Сите вистински љубители на оваа напивка не само што сакаат чајот да биде со силен вкус туку сакаат тој вкус да станува сѐ посилен со текот на годините. Со оглед на фактот дека од секој агол сме бомбардирани со информации за огромната улога на кафето во менувањето на светот, редно е истиот третман да го добие и чајот. А за нас, кои претпочитаме чај наместо кафе, не постои ништо посоодветно од инструкциите на славниот писател Џорџ Орвел, во кои тој ја открива својата тајна за приготвување една совршена шолја топол мирисен чај.

Ова се 11-те златни правила за врвно сетилно уживање во нашата омилена напивка, објаснети лично од легендарниот писател и есеист.

– Ако побарате рецепт за чај во првата книга за готвење што ќе ви падне в раце, најверојатно нема да најдете. Најмногу што може да очекувате се неколку површни инструкции за тоа како се вари чај, без да се спомнат најважните правила за негово успешно приготвување. Тоа е навистина чудно, со оглед на фактот дека чајот е една од најсилните цивилизациски одлики на Англија, Ирска, Австралија и Нов Зеланд. Кога го анализирам мојот сопствен рецепт за совршена голтка чај, јасно воочувам 11 навистина златни правила, без чие следење резултатот нема да биде врвен – изјавил Орвел.

1. Потребно е да се користи индиски или цејлонски чај. Вистина, кинескиот чај си има свои добри страни, економичен е и може да го пиете без млеко, но тој едноставно не е стимулирачки. Откако ќе го испиете, не се чувствувате ни помудро, ни похрабро, ни пооптимистички настроени. Оттука, секој што ја користи фразата „вкусна шолја чај“ речиси секогаш мисли на индискиот чај.

2. Чајот треба да се прави во мали количества, односно во чајник. Секој друг чај е без вкус, особено војничкиот, кој се прави во големи казани и има вкус на мрснотија и варикина. Чајникот треба да е порцелански или керамички. Сребрените чајници произведуваат чај со послаб квалитет, а уште полош е оној правен во емајлирани садови. Еве нешто чудно но вистинито – чајниците од калај, иако се реткост во овие времиња, создаваат една сосема пристојна напивка.

3. Чајникот треба однапред да се загрее. Притоа не мислам на вообичаениот начин – плакнење со врела вода, туку на нормално загревање на плотната од шпоретот.

4. Чајот треба да биде силен. Па, така, за чајник од еден литар, потребни се шест полни кафени лажички чајна смеса. Во овие времиња на штедење, ова би било доста скапо задоволство за седум дена во неделата, но, според мене, една шолја силен чај е подобра од дваесет шолји слаб. Сите вистински љубители на оваа напивка не само што сакаат чајот да биде со силен вкус туку сакаат тој вкус да станува сѐ посилен со текот на годините.

5. Чајот се става директно во чајникот. Никако во филтри, цедалки или ќесички што ќе го „заробат“ чајот. Во некои земји, чајниците ги опремуваат со висечки кошници во кои треба да останат листовите, кои наводно се штетни. Тоа е глупост, зашто чајните листови може да се џвакаат и голтаат без никакво лошо влијание врз здравјето. Освен тоа, ако чајот не е „слободен“ во чајникот, никогаш не може комплетно да накисне и да ги испушти своите состојки.

6. Водата треба да врие во моментот на ставање на чајот. Некои луѓе велат дека е важно да се користи свежо превриена вода, но јас лично не сум забележал дека тоа би правело некаква разлика.

7. Откако чајот е готов, треба да го промешате или, уште подобро, убаво да го протресете чајникот, за да дојде до рамномерно распоредување на вкусот и на густината.

8. Треба да го истурите чајот во цилиндрична шолја, а не во широка и плитка. Високата и потесна шолја подолго ја задржува врелината на напивката, додека плитката и широка ќе го излади чајот уште пред да почнете да го пиете.

9. Секогаш тргнете го кајмакот од млекото пред да го ставите во чајот. Млекото што е премногу мрсно му дава неубав вкус.

10. Најпрвин се става чајот, па потоа млекото. Овде најмногу се судираат мислењата, навистина во секое британско семејство се водат расправии за распоредот на чајот и млекото. Оние што се за варијантата „прво е млекото“ имаат право во однос на некои работи, но јас лично сметам дека моите аргументи се несоборливи. Значи вака: кога ставате прво чај, а потоа со мешање го додавате млекото, точно може да го регулирате количеството на млеко. Во спротивност, може да се случи да ставите премногу млеко во чајот, а тогаш веќе е предоцна да се поправи работата.

11. И на крајот – чајот треба да се пие без шеќер, освен ако не го пиете како Русите. Знам дека многумина нема да се согласат со мене за ова, но како можете да се нарекувате вистински љубител на чај ако го уништувате неговиот оригинален вкус со ставање шеќер во него. Зошто тогаш не би ставиле сол или црн пипер? Чајот треба да биде горчлив, исто како и пивото. Ако го засладите, го губите вкусот на чајот и добивате сладок вкус. Ако толку сакате слатко, може да си направите слична напивка по пат на растворање шеќер во обична врела вода. Некои од вас ќе кажат дека не пијат чај од љубов, туку само заради стоплување на телото или освежување, па затоа ставате шеќер, со кој му го одземате вкусот на чајот. На вас, заблудените, сакам да ви предложам нешто: обидете се да пиете чај без шеќер барем две недели. По таквото искуство, веројатноста пак да посакате да го засладите вашиот чај е речиси никаква.
Џорџ Орвел бил еден од најтемелните критичари на општеството во современиот период. Некои од неговите изреки, повеќето веќе постари од половина век, ја докажуваат длабочината на неговата проникливост за иднината. Во неговата најпозната книга „1984“ (објавена во 1949-та), Орвел предвидел многу нешта што го обележуваат денешниот свет. Негови најпознати дела се „1984“ и „Животинска фарма“, кои се израз на неговата свесност за социјалните неправди, како и на неговиот остар сарказам.
В.Б.Н.