Како германски студенти ги видоа фреските во Курбиново

368

Фотографиите изложени на изложбата се направени пролетта 2016 година од студентите од универзитетот „Џорџ Август“ од Гетинген, Германија во рамките на проектот „Маско 360“. Изложбата ги претставува убавините на фреските во оваа црква видени преку призмата на студентите од Германија

Во изложбениот салон на Музејот на градот Неготино во предвечерјето на христијанскиот празник Св. Ѓорѓи беше отворена изложба на фотографии на фрески од црквата „Св. Ѓорѓи Курбиново“, ремек-дело на византиската уметност во Македонија. Изложбата е отворена во соработка со здружението за валоризација и промоција на културното наследство „Македонида“, Институтот за старословенска култура од Прилеп и здружението на граѓани „Менелај“.

Фотографиите изложени на изложбата се направени пролетта 2016 година од студентите од универзитетот „Џорџ Август“ од Гетинген, Германија во рамките на проектот „Маско 360“. Изложбата ги претставува убавините на фреските во оваа црква видени преку призмата на студентите од Германија.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е подигната во доцниот 12 век и претставува еден од најзагадочните споменици на византиското културно наследство не само во Македонија, туку и на Балканот воопшто. Зад скромната надворешност и архитектура што не навестуваат естетски раскош, во нејзината внатрешност се крие токму спротивното.

Фрескоживописот во оваа мала црква од преспанското село Курбиново, чие создавање почнало во април 1191 година, ги отсликува најпрефинетите и највозвишените дострели на византиската сакрална уметност.

Појавата на едно вакво сликарство врз ѕидовите на една архитектонски скромна црквичка, сѐ уште ги крие причините за своето постоење пред љубопитните истражувачи. Преку изложбата на фотографии ќе им се овозможи на љубителите на ликовната естетика одблизу да се запознаат со мистичната убавина на иконографскиот репертоар на бисерот на византиското наследство во Македонија – рече на отворањето на изложбата Александар Василевски од Институтот за старословенска култура од Прилеп.