И тишината е музика

179

Џон Кејџ (1912-1992) е композиторот што го внел можеби најавангардниот и најреволуционерен музички израз во класичната музика. Дотогашните композитори (барем повеќето од нив) често се труделе или несвесно успевале да напишат нешто ново, претходно нечуено, имајќи ги како скелет на своите дела пишаните и непишаните правила на компонирање. Џон Кејџ ги прекршил сите тие правила, сите стандарди на формата, хармонијата, мелодијата, оркестрацијата. Неговиот музички јазик бил сосема нов и, во почетокот, неразбирлив. Тој ги користел инструментите на нестандарден начин, барајќи во нив нови бои, нови звуци што никогаш претходно не биле добиени. Така, на пример, најкласичниот од сите класични инструменти – клавирот – го препарирал така што поставувал разни предмети врз жиците и во корпусот, па звукот што се произведувал бил крајно невообичаен.

Под влијание на зен-будизмот почнал да ја користи алеаториката – музика во која крајниот изглед на делото зависи од изведувачите и секогаш е различен, бидејќи нотен текст не постои или е само делумно запишан во вид на насоки како да се движи музиката. Дозволени се и „немузички“ звуци – чкрипење, чукање, кашлање, звуци од опкружувањето во кое се изведува таквото дело. Со алеаториката сакал на музичарите да им ја даде слободата на мислата и на интерпретацијата. Кејџ е првиот композитор што користел електронска музика. Тогаш авангардна, денес целосно прифатена и во академската и во мас-музиката, трасирала пат за цел нов музички правец.

Сепак, најголемата екстраваганција, која Џон Кејџ му ја подарил на човештвото, е неговото дело 4’33’’ (Четири минути и триесет и три секунди или, едноставно, Четири триесет и три). Првично напишано за соло-пијано во 1952 година, ова дело ја прикажува тишината како музика. Партитурата се состои од шест празни страници, на кои се „запишани “ трите става на композицијата. На праизведбата пијанистот Дејвид Тудор се поклонил пред публиката, седнал, го затворил капакот на пијаното и само седел во тишина. Го отворал и го затворал капакот меѓу секои два става, за по истекот на четирите минути и триесет и трите секунди повторно да се поклони за крај.

Публиката останала затекната од тишината, која била единствената музика напишана од Кејџ. Во 2004 година Симфонискиот оркестар на Би-би-си го праизвел 4’33’’ во оркестарска „транскрипција“. Повторно единствениот звук бил звукот на тишината. Иако опсцено во својата авангардност, 4’33’’ станало најпознато дело на Џон Кејџ, негов заштитен знак.

Лада Шоптрајанова Петровска