И летово се санира „Чифте-амам“

68

Продолжува проектот за реставрација и санација на објектот започнат лани, во јуни, со средства од Амбасадорскиот фонд на Амбасадата на САД

Со средства од Амбасадорскиот фонд на Амбасадата на САД во овој период од годината во објектот „Чифте-амам“, при Националната галерија на Македонија, се реализира проектот за негова реставрација и санација, започнат минатата година во јуни, со план за реализација од 18 месеци. Всушност, станува збор за втората фаза од реконструкцијата на овој вреден споменик на културата, при што, како што посочува директорката на галеријата, Дита Старова Ќерими, од неговата фасада се отстранети врзивни материјали што не соодветствуваат со каменот и не дозволуваат објектот да дише, направена е и дренажа за атмосферските води, а е интервенирано и на покривната конструкција. Во реализација на овој проект, како и што беше најавено, со финансиски средства учествува и Министерството за култура.

– Преку Годишната програма на Министерството за култура секоја година добиваме одредена сума средства од државата, но во драстично помал обем од потребите, а тие се недоволни за да се направи позначајна интервенција – забележа директорката. Таа истакна дека во континуитет се санирани оштетувањата на „Чифте-амам“, кои многу години ги предизвикувала вода што од задната негова страна истекувала покрај ѕидовите. Оштетувањата биле резултат од постоењето на оштетени олуци што се наоѓале помеѓу објектот и постојните дуќани од истата страна, но и на пукната цевка, која долг период истекувала и трајно го оштетувала. Работите на објектот ги изведува „Макаус“, фирма специјализирана за овој тип работа, која, посочува Старова Ќерими, ја поседува и потребната лиценца А и работи исклучиво на конзерваторско-реставраторски работи на културното наследство во државата и надвор од неа.
Националната галерија неодамна најави дека во план се и зафати и обнова на „Мала станица“ и на Спомен-куќата на Лазар Личеноски во центарот на градот.

– За „Мала станица“ имавме конкурс со избор за идејно решение за обнова на објектот. Државата мора конкретно да одлучи кои ѝ се плановите и дали таму ќе се извршат ситни интервенции или ќе се оди на негова целосна реконструкција, обнова и надградба за тој да биде функционален и рентабилен. Потребни се големи средства за тој објект да стане репрезентативен. Што се однесува, пак, на Спомен-куќата на Лазар Личеноски, работите веќе подолг период се во застој. Досега се работеше на музејскиот материјал, на неговата евиденција, заштита и селекција, додека на објектот не е интервенирано. Се надеваме дека во скоро време ќе се обезбедат средства и за овој објект – рече таа.
Директорката Дита Старова Ќерими посочи дека, за жал, мал е одзивот кај домашните фирми во овој период за донации во врска со обновата и зачувувањето на објектите што ѝ припаѓаат на Националната галерија на Македонија.

– Во периодов, единствено пред две години добивме средства од фондацијата „Камчев“ за санациски работи, ново осветлување и за сувенирницата во објектот „Даутпашин амам“. Се надевам дека во периодот што следува ќе имаме разбирање и помош од македонскиот бизнис-сектор – рече таа.