И жените пишуваат фантастика за возрасни

94

Зошто фантастичните новели за возрасни од женски автори честопати се маркирани како фантастика за тинејџери?

Зошто фантастичните новели за возрасни од женски автори честопати се маркирани како фантастика за тинејџери? Ова е прашањето што го поставува една статија објавена на страницата „Бук рајот“, обвинувајќи за несвесен сексизам.

– Како што сѐ почесто новелите напишани од жени се погрешно класифицирани како фантастика за тинејџери, сѐ повеќе се продлабочува пораката дека фантастиката за возрасни и научната фантастика се за мажи. Секако, жени можат да пишуваат за тинејџери на кои им се допаѓа „Игрите на гладните“, но за „вистинските“ читатели на фантастика, обидете се повторно – вели Миа Нанали за „Гардијан“

Сексизмот постои во научната фантастика и во фантазијата: до неодамна, жанрот беше тврдоглаво бел и машки, со исклучок на авторките како Неди Окорафор или Н.К. Џемисин. Секојпат кога „Гардијан“ објавува рецензија на научна фантастика напишана од жена, коментарите неизбежно започнуваат дебата дали е тоа воопшто научна фантастика. Но иако знаеме дека фикцијата за тинејџери е присутна уште од 1950-тите години, многу од популарните серијали делат слични карактеристики: фантазијата и романсата се претопуваат најчесто водени од храбра млада жена со која е лесно да се идентификува женската читателска публика, која за време на битките ќе се вљуби во нејзиниот машки пријател со кој ќе дојде до највисоката точка на петинг, во најверојатно, третата книга.

Со сѐ повеќе возрасни луѓе што читаат фантастика за тинејџери, анкетата спроведена во 2012 година покажала дека речиси 55 проценти од читателите не се толку млади – линиите на секс, насилство и крв почнуваат да се замачкуваат со авторки како Касандра Клер, Рејчел Мид, Лаини Тејлор и Лиа Бардуго, кои се обидуваат да се приспособат на растечкиот возрасен опсег.
– Претпоставувам дека постои помала шанса мажи автори да бидат автоматски категоризирани како автори на книги за деца или тинејџери. Се прашувам дали книгите што се наменети за женската популација и назначени како книги за возрасни стануваат грешно категоризирани како книги за тинејџери поради тоа што таа возрасна категорија е формирана од жени и е карактеризирана со растот на „силни женски карактери“ во книгите како „Игрите на гладните“ – вели Саманта Шенон, авторка на фантастичниот серијал „Д Боун Сизон“, кој честопати се наоѓа на полиците за книги за возрасни и книги за тинејџери.

Кејт Мек Хејл, редовен купувач на литература за тинејџери, научна фантастика и фантазија во „Ватерстоунс“, вели дека категоризацијата на книгите честопати се сведува на тоа каде самите продавачи мислат дека читателите ќе сакаат да ги најдат, наместо дека тоа го одредува талентот на женските автори.

– Литература за тинејџери не е жанр, туку возрасна категорија – некои книги можеби нема да бидат соодветни за 12-годишни, но ќе бидат совршени за 16-годишни и нема потреба од хиерархија. Идејата дека да се биде класифициран како литература за тинејџери е навреда, и е погрешна исто така. Најверојатно вистинскиот проблем тука лежи во фактот дека многу малку од нас веруваат дека децата би можеле да одредат што треба да читаат, а што не – пишува „Гардијан“.