„Исцелител“ е македонски кандидат за „оскар“

50

Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, при Друштвото на филмски работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, донесе одлука филмот „Исцелител“, во режија на Ѓорче Ставрески, да биде национален кандидат на Република Македонија за оваа награда за 2019 година.

Комисијата е во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на ДФРМ, Ирена Ристиќ – актерка, Амернис Нокшиќи – актерка, Горан Трајкоски – композитор, Игор Тошевски – ликовен уметник и сценограф, Даријан Пејовски – режисер и Наум Доксевски – кинематографер.

Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Враќање“, во режија на Кастриот Абдили, „Година на мајмунот“, во режија на Владимир Блажевски, „Незаборавна пролет во заборавено село“, во режија на Куштрим Бектеши, и „Здивот на ангелот“, во режија на Јани Бојаџи.