Инсталацијата „Празна галерија“ од Методи Исков во Прилеп

111

Вечерва, во 19.30 часот, во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“, во Прилеп, ќе се одржи отворање на изложбата насловена „Празна галерија“ на прилепскиот уметник Методи Исков. Станува збор за инсталација што ќе биде поставена во галеријата, а во која ќе доминираат антички скулптури затворени во кутија во кои ќе може да се ѕирка. Целта на овој проект е да се посочи колку и како гледаме на уметноста?

– Преку изложбата сакам да се поттикне критичко-филозофски став со кој сите заедно ќе се доближат до призмата низ која се согледува денешниот поглед кон уметноста – вели Исков.

Уметникот во 2014 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, во класата на Станко Павлески. Покрај индивидуалните уметнички ангажмани, важен дел од неговото работно искуство е изработката на скулптури вклучени во урбанистички план на градот Скопје, учество при изработка на палета мозаици, од кои можат да се истакнат мозаиците во црквата „Св. Константин и Елена“ во Скопје, мозаик поставен во базиликата „Св. Благовештение во Назарет“ во Израел со ликот на пресвета Богородица, мозаиците во црквата „Св. Петка“ во Прилеп… Има изработено повеќе мурали низ градот, меѓу кои и во библиотеката „Борка Талески“, а своето искуство го проширува и кон графичкиот дизајн и дизајнот на ентериери.