Импресивно отворање на „Интерфест“ со оперски гала-концерт

48

Оперскиот гала-концерт со кој беше отворено 28-то издание на престижниот фестивал на класична музика „Интерфест“ во Битола претставуваше врвна естетска наслада за битолската публика. Овој амбициозен проект на Националната опера и балет овозможи публиката да го почувствува блаженството на оперскиот феномен преку импресивните презентации на младите и елитни оперски солисти и оркестарот, чиј квалитет ја возвиши нивната креативна имагинација. Со таков дигнитет, тие уверливо ја рефлектираа идејно-естетската природа и им дадоа финален блесок на делата од концертната програма полна емоции, креативност и трепет на душата.

Мудро селектираната програма ја сочинуваа познати арии и дуети со вонвременска убавина од најпознати оперски композитори, како Моцарт, Чајковски, Масне, Каталани, Чилеа, Џордано, Понкиели, па до Пучини и Верди, кој беше најзастапен. Овој дел од програмата, кој го одразува шармот на творечкиот космополитизам, често беше проследен со воздишки кај публиката. Младите оперски надeжи Владимир Саздовски, Зоран Сотиров и Ѓорѓи Цуцковски, обдарени со благороден тенор, со префинети чувства и продлабочена експресивност во изразот, спонтано го доживуваа сопствениот креативен дух во оваа незаборавна концертна вечер со арии од оперите на Моцарт, Масне и Пучини. Изведувачкиот потенцијал видно беше изразен преку уметничкиот растеж и на Павлина Новакова, Сандра Митревска и Ристе Велков, како и другите солисти, кои се одликуваа со нагласена сензуалност и достоинство. Меѓу нив едно име што го привлекува вниманието е Наде Талевска, чија флуидна изведба, презентирана во импресивен чин на романтична вокација, блескаше со експресивната звучност донесена со нежен лиризам и префинета естетика. Со своите завидни гласовни потенцијали, кои ги издржуваат и високите естетски критериуми, ја восхити публиката.

Преку силно вдахновените интерпретации на Славица Петровска-Галиќ, која мајсторски ги потенцира најсуптилните нијанси во динамичните сенчења, и на примадоната Весна Гиновска-Илкова, од чија блескава тонска проекција сугестивно се одгласува завидна креативна убавина, ја почувствуваме магијата на нивните врвни дострели. На сцената се појави и нашиот врвен оперски уметник со европска репутација Борис Трајанов, од чија страсна и сугестивна вокација се ослободува моќна творечка енергија со лирско-драмска конотација што води кон високите предели на духот. За овој извонреден успех на гала-концертот голема е и заслугата на оркестарот, кој под раководство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, со своето импресивно музицирање прозвучи импресивно, создавајќи адекватен амбиент, кој продлабочено навлегуваше во суштината на концертната програма.

Тоа беше блескава проекција на возвишени дострели, а аплаузите беа валоризација на тој успех. Имаше моменти кога возбудата го достигна врвот и публиката стана на нозе да им оддаде признание на вредните солисти за нивните восхитувачки дострели во оперската уметност, со кои се гордее Националната опера и балет.

Костадин Костадиновски, музиколог