„Илузиум“ е вистинското место за бегство

156
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Музејот на илузии фотографирањето не само што е дозволено туку е и потребно

Новоотворениот и прв во Скопje и во Македонија, музеј на илузии „Илузиум“ е вистинско освежување во забавната и културната понуда на градот. Сместен на три нивоа, со кафуле во кое можат и децата и возрасните да сложуваат дрвени сложувалки и со модерна сувенирница, овој музеј уште при влезот го остава бараниот впечаток, дека нуди престој во сосема друг свет. Во светот на илузијата, фантазијата, тој нуди кратко бегство во друга (не)реалност, каде што можете да бидете и џин и џуџе, да висите од таван во некоја од собите, да ја ставите раката во челуста на ајкула, главата да ви се најде во чинија, а Мерлин Монро да ја видите и како Алберт Ајнштајн!

Ова е музеј каде што фотографирањето не само што е дозволено туку е и потребно, бидејќи фотографирајќи и со мобилен телефон посетителите учествуваат во создавањето на илузијата. Сместен во зграда на улицата Максим Горки бр. 10, музејот на илузии е отворен секој ден од 8 до 20 часот, а доколку станува збор за роденденски прослави, работното време му е продолжено до 23 часот. Тој има забавна и едукативна функција и во него може да се провери толку споменуваната моќ за забележување на нештата, исто така и концентрацијата, може да се откриваат решенијата на повеќе слики со двојна перспектива, да се научи и практично визуелно нешто повеќе за она што е или не е реалност, и тоа на површина од 500 квадратни метри.

Благица Илиќ, одговорна за односи со јавност во „Илузиум“, вели дека од почетокот на јуни, кога е отворен, музејот привлекува голем број посетители од различни возрасти, а бидејќи е предвидено во него да се организираат и родендени, деновиве бројот на прославените беше 15, на задоволство и на децата и на возрасните. Според неа, најпожелна најрана возраст на посетителите е 5-6 години, но понудените содржини најдобро ги доживуваат децата на возраст од 8-9 години.

Во овој музеј има соба со огледала, соба со менување на димензиите, обратни соби, соби со 3Д-принтови, слајдови, видеопрезентации и за деца и за возрасни, фотографии, илузионистички предмети преку кои посетителите сами ја создаваат посакуваната илузија, халуциногени и илузионистички слики, помали предмети што создаваат холограмски прикази што можат да се видат, но не и да се фатат.

– Децата особено уживаат во собата џуџе-џин, а возрасните се особено внимателни во собата со гравитација, каде што се добива чувство дека се губи тлото под нозете – вели Илиќ.

Таа напоменува дека „Илузиум“ е самостоен музеј, дека не е под франшиза, не е дел од музеите што се отворија во изминатиот период во некои од градовите од поранешна Југославија, како што се Загреб и Белград.

– Имаме посетители секој ден од различни возрасти, а се најави и една невеста дека сака тука да се фотографира деновиве – забележа Благица Илиќ.