Израелците воодушевени од концертите на нашата Филхармонија

32

Со овации и одлични реакции од публиката, но и од стручната јавност беа проследени трите концерти кои Филхармонија од 1 до 6 октомври ги реализира на успешната турнеја во Израел. На првото гостување во светата земја, оркестарот се претстави под диригентската палка на Маестро Јерухам Шаровски и со младата солистката Даниеле Акта.

Нашиот оркестар одржа три концерти во Ерусалим, Од Хашарон и Ришон Ле Цион. Концертите беа во соработка со оркестрите во овие градови – Симфонискиот оркестар на Ерусалим и Оркестарот во Ришон Ле Цион со чии директори Јаир Штерн и Оферс Села, Виктор Илиески оствари средби на кои беа поставени основи на понатамошна соработка.

Филхармоничарите со овации беа испратени од сцените на Еруаслим и Ришон Ле Цион каде тамошната публика особено позитивно реагираше на изведбите на делата од македонските композитори Глигор Смокварски – „Тешкото“ и „Прелудиум Пајдушка“ од Сони Петровски кое беше изведено на бис.

Покрај овие дела на програмата беа и Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар кој го изведе неверојатно харизматичната и виртуозна Даниеле Акта, како и познатата Симфонија број 9 „Од Новиот Свет“ од Антонин Дворжак.

На концертот на отворено во градот Од Хашарон на кој присуствуваа повеќе од 2.500 посетители, Филхармонија изведе друга програмата – увертирата „Руслан и Људмила“ од Глинка, молитвениот „Кол Нидреи“ за виолончело и оркестар од Макс Брух, како и атрактивната „Увертира 1812“ од П.И. Чајковски. И овој концерт беше поздравен со воодушевување и овации од публиката.

На трите концерти беа интонирани и националните химни на двете држави.
Министерот за култура Хусни Исмаили во неговото поздравно обраќање пред концертот во Ришон Ле Цион го истакна значењето на продлабочувањето на соработката помеѓу двете земји отворајќи простор за креирање на нови проекти за промоција на културата, на научните и духовните вредности, не замо на национално, туку и на меѓународно ниво.

Турнејата на Филхармонија во Израел беше целосно поддржана од Министерството за култура, а реализирана со особени заложби на диригентот Јерухам Шаровски, в.д. амбасадорот Александар Аврамовски, амбасадорот на Израел во Р. Северна Македонија г-дин Дан Ориан, почесниот конзул на Р. Северна Македонија во Израел г-динот Шломо Грацијани, како и со поддршка од две семејства на Евреи од Битола кои се жртви на Холокаустот – семејствата на г-ѓа Рашел Шели Леви Драмер и на на г-ѓа Бела Балашников.