Изложба на љубопитната патничка и сликарка од Словенија

44

Тематската изложба на Аленка Герлович ќе претстави избрани дела што сликарката ги создала помеѓу 1953 и 1957 година во Скопје, а пред сѐ во Охрид и Струга

Изложбата „Аленка Герлович – Македонија 1953-1957“ ќе биде отворена денеска, во 18 часот, во Национална галерија на Македонија, објект „Мала станица“, во чест на стогодишнината од раѓањето на сликарката. Станува збор за гостувачка изложба на Посавскиот музеј во Брежице, Република Словенија. Изложбата ќе ја претстави Ожи Лорбер, кустос во Посавскиот музеј од Брежице, а на отворањето свој збор ќе имаат Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија, и Иван Молан, градоначалник на општината Брежице.

Тематската изложба на Аленка Герлович ќе претстави избрани дела што сликарката ги создала помеѓу годините 1953 и 1957 во Скопје, а пред сѐ во Охрид и Струга. Помеѓу нив се многу мотиви на фигури на жени во носии, мажи и деца од македонските села и циганските четврти. Чести се мотивите на животни што ги цртала на панаѓурите за животни и на пазарите, а ја влечел и македонскиот пејзаж, кој секогаш одново и одново го претставувала на цртеж.

– Покрај Треска се белееше ред тополи со сребрено-бели стебла на вечерното сонце. До нив мирно стоеше бел коњ. Долго го цртав. Беше неподвижен на вечерното сонце. Белината на девојченцето на прозорецот, на жените во Кучевиште, на тополите и на белиот коњ, тоа е истиот дел на Македонија. Тоа е нешто чисто и поетично, без егзотика… – напишала Аленка Герлович.

Изложбата од збирката на депото на Посавскиот музеј во Брежице претставува мал дел од донацијата на Аленка Герлович, врзана за цртежите што како љубопитна патничка, истражувачка и уметничка ги бележела низ цела Македонија. Во својата книга „Деланки од мојот живот“, сликарката Аленка Герлович запишала дека ликовните посети во Македонија, каде што во шеесеттите години ги поминала сите лета, биле обиколница во нејзиниот развој како пејзажна сликарка. За нејзината подоцнежна работа било поважно доживувањето на монументалноста и голотијата на македонската покраина. Меѓутоа, тогаш ја привлекло богатството од мотиви на фигури, затоа по цели денови цртала луѓе и животни на пазарите, по селата и во циганските маала.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 15 април годинава.