Изложба на фотографии на Љупчо Илиевски во Кавадарци

362

Во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, утре во 12 часот, во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2020“ ќе биде отворена изложба на фотографии на истакнатиот македонски фотограф Љупчо Илиевски.

Илиевски и припаѓа на средната генерација фотографи која негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат. Засега е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „Нешнл џиографик“.

Последната негова изложба во Кавадарци беше пред точно две години со наслов „Припитомување на крикот“ во која одбира да ја припитоми вечноста на театарот, суштината на театарскиот чин односно крикот.

– Фотографијата, онаа уметничката, е припитомување на вечноста, нејзин превод во визуелен јазик разбирлив за човекот. Фотографиите на Љупчо Илиевски се најчиста реализација на оваа дефиниција – пишува за неговите фотографии Венко Андоновски.

Утрешната изложба е насловена „Осамени, а вечни“ со која по петти пат се претставува пред кавадаречката културна јавност. За себе вели дека не фотографира, туку дека пишува со светлината и тоа не на актуелни теми, туку во фокусот му се наизглед неважни теми, кои ги обработува долг временски период и со голема посветеност. Илиевски е автор на повеќе самостојни изложби, а како член на „Фото-клуб 25“ учествувал на и на повеќе групни изложби. Присутен е на повеќе филмски фестивали, а за својата работа е повеќе пати наградуван. Неговиот потпис стои и под поштенските марки – Теракотни икони и Кокино. За неговите уметнички креации, кои тешко може да се избројат, критичарите ќе запишат дека „Илиевски во своите фотографии ги фиксира деталите што се најинтересни, најрелевантни, што одразуваат една цела филозофија и психологија на човекот, што одразуваат една цела негова внатрешна драма“. Ми.М.