Изложба на фотографии на полскиот етнолог и научник Јозеф Обрембски

57
Споменик на Јозеф Обрембски во Самоков

Вечерва во Домот на културата во Македонски Брод, ќе биде отворена изложба на фотографии на полскиот етнолог и научник Јозеф Обрембски, кој во периодот 1932-1933 година престојувал во поречијата, ги проучувал обичаите на жителите од овој крај.

При овој престој тој направил и многу фотографии на кои може да се види како во тие години од пред речиси еден век, се облекувале и како живееле жителите во горнопоречките села Волче, Битово и други. Гостин на изложбата ќе биде и амбасадорот на Република Полска во Македонија.

– Вечерва во Домот на културата во Македонски Брод ќе биде отворена изложба на фотографии на полскиот етнолог и истражувач Јозеф Обрембски, кој на почетокот на триесетите години на минатиот век, две години престојувал во горнопоречките села. На вечерашната изложба ќе бидат поместени 31 голема фотографија и 11 фотографии на големи паноа. Делата од оваа изложба ќе бидат во сопственост на Домот на културата, кој ќе има трајна поставка во спомен на големиот научник. Специјален гостин на вечерашната изложба ќе биде и амбасадорот на Република Полска во Македонија – истакна Милена Стојческа, директорка на Домот на културата во Македонски Брод.

Инаку во чест на големиот полски истражувач и етнолог Јозеф Обрембски, во дворот на училиштето во село Самоков поставена е мермерна биста, која посетителите или случајните минувачи  ќе ги потстетува дека тука, пред 84 години, престојувал и кратко живеел големиот полски истражувач.