Изложба на турски печати во Кавадарци

696

Денеска во Музеј-галерија Кавадарци ќе биде отворена необична изложба на турски печати под наслов „Отпечатена историја“ чиј автор е д-р Александар Литовски. Изложбата се реализира во соработка со НУ Завод и музеј- Битола.

Печатите несомнено се извор на историски податоци кои истовремено ја потврдуваат вредноста, валидноста и веродостојноста на некој документ. Проучувањето и презентирањето на печатите од отоманскиот период може да се именува како османлиска сфрагистика. Тие печати сведочат за високиот степен на развиеност на опшествените и економските односи и се извор за сознанија за економското и културното ниво на тогашната Империја. Широката примена на печатите, всушност, аргументирано покажува дека тогашното општество имало висок степен на развиеност на сите полиња, а особено било добро уредено во поглед на разгранетоста на административниот апарат, ефикасноста на тогашната економија и функционирањето на правниот систем.

Големата османлиска Империја создала импресивна култура. Делче од таа култура е создадена во Битола а низ целата територија на Македонија. Особено во периодот на втората половина а 19 век и почеткот на 20. век, кога градот бил претворен во економско, политичко, административно и културно средиште на евроскиот дел од Османлиската Империја. Оттука печатите кои се презентираат, всушност се само еден од начините да се афирмира и потенцира овој историски факт. Тие се само начин да се исцрта една црта од историската слика на градот Битола – ќе напише за изложбата авторот Александар Литовски.

-Кога ги гледаме печатите од пред сто и повеќе години, неизбежно ќе забележиме дека тие имаат и своја уметничка вредност, која е изразена преку калиграфијата содржана во нив. Ова карактеристика воопшто не е изненадувачка, ако се има во предвид дека уметноста на убаво пишување е една од главните карактеристики на исламската уметност воопшто, а во тие рамки и на османско-турската уметност. Декоративноста на арапскто писмо, на која бил пишуван османско-турскиот јазик, која може да се констатира на печатите, сведочи за чудесната бујност и виртуозност на калиграфијата од периодот на доцниот развој на оваа отоманска култура. Затоа, сведоштвата за таа култура треба да се чуваат, заштитуваат и презентираат – ќе изјави авторот Литовски.

Ми.М