Изложба на носии од балканските народи отворена во Кавадарци

84

Во услови на пандемија со почитување на протоколите синоќа во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена втората изложба и тоа на фотографии на носии од балканските народи.

Носиите се дел од богатата ризница на носии која ја поседува ансамблот „Македонија“ кои датираат од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во време на пандемија кога се спречени да одржуваат концерти, ансамблот своите активности ги реализира и преку вакви изложби со обид да го презентира богатото и разновидно фолклорно богатство на балканските народи.

– Според изборот на уметничкиот менаџер на ансамблот професор д-р Владимир Јаневски на фотографиите се презентирани: носија на млада невеста од Црна Гора, носија за млада жена во Босна и Херцеговина, носии на девојки од Црна Трава и Пчиња од Србија, носија на млада невеста од село Летница во Косово, носија за невеста од село Гњилане од Косово, носија на возрасна жена од Конавље, носија на млада невеста од Славонија и носија на момче и девојка од Посавина, Хрватска. На фотографиите носиите ги носат добро одбрани играорци од ансамблот „Македонија“. Идејата за изложбата на фотогрфии на носии на професорот Јаневски има за цел да се прикажат носиите кои се дел од ансамблот „Македонија“ и да се покаже дека освен македонскиот фолклор ансамблот негува, изучува и презентира игри, песни и носии од Балканот. Нормално наш следен чекор ќе биде изложба на фотографии на носии од цела Македонија од сите етнички народи кои живеат во неа. Со задоволство можам да казам дека збирката на носии на ансамблот „Македонија“ е многу голема, имаме носии од секој предел во денешна Македонија, Егејска Македонија и Пиринска Македoнија. Оваа изложба за прв пат беше отворена во Гевгелија а потоа и во Неготино но во он лајн верзија без публика а во Кавадарци е за прв пат со публика – рече етнокореологот Методи Глигоров од Домот на културата.

Заради актуелните услови во пандемија и спреченоста да се презентира дел од носиите во живо синоќа публиката имаше можност да проследи дел од настапот на ансамблот „Македонија“ од нивното гостување на концертот на ансамблот „Ладо“ во Хрватска . За традицијата на фолкорот на нашите соседни балкански земји на изложбата говореа директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова и и етнологот Драгица Чекорова. Ми.М.