Изложба на Маријана Иванова и Симона Трипкова во Кавадарци

82

Во изложбата „Калеидоскоп“, која утре во 12 часот ќе биде отворена во Музеј-галерија Кавадарци, е претставен дел од досегашното уметничко творештво на младите графички дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова.

Изложбата е дел од меѓународниот проект „КреАрт“- Мрежа на градови за уметничко творештво, кој има за цел да им овозможи на младите артисти поголема слобода и мобилност.
Графичките дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова низ окуларот на сопствената уметничка естетика прават напори своите идеи за современото секојдневно опкружување да го пренесат како сублимирана порака на публиката и на тој начин да говорат за девијациите или придобивнките на општеството во кое опстојуваме. Изложбата опфаќа околу триесетина плакатни решенија со кои авторките учествувале или добиле награди на различни светски конкурси, третирајќи најразлични теми.
Маријана Иванова своето образование го стекнала во Софија каде дипломирала на Националната академија за уметност во 2017 година на одделот за плакати и визуелна комуникација на БФА. Таа е дизајнер на постери и графички дизајнер, кој работи во областа на дизајн на постери, книги, илустрации, сликарство, цртање и лого рекламна конструкција. Досега има учествувано на повеќе од 45 групни изложбо и меѓународни натпревари во 15 земји додека својата изложба за самостоен плакат „ИМпостер“ ја претстави во две институции во нашата земја. Иванова е добитник на втората награда на „V младински пролетен салон“ во Нацоналната галерија на Македонија – Чифте Амам 2012 и добитник е на првата награда на наградниот конкурс „Работа во 2030 година“- Потсдам, Германија во 2018 годин, додека минатата година нејзиниот плакат за „Тетовирање“ победува во артистичката категорија на конкурсот за плакат организиран од Биеналето за дизајн во Перу, во конкуренција на над 10.000 плакати.
Симона Трипкова од 2014 година е креативен директор на Скопје постер фестивалот, креирајќи визуелни, промотивни дизајнерски решенија за Скопје постер фестивал и Меѓународниот студенски натпревар за постери. Таа е дипломец на Универзитетот ФОН на одделот за графички дизајн каде и магистрира во 2016 година. Трипкова во периодот од 2013-2015 гдина била предавач за графички дизајн и практична употреба на уреди на факултетот за дизајн и мултимедија при универзитетот ФОН.
Од нејзините најзначајни проекти го издвојуваме нејзиното ангажирање како раководител на дизајн, каталог 7-ми, 8-ми и 9-ти „Скопје постер фестивал“, дизајн предлозите за највлијателните 50 компании во земјата како дел од проектот „Производство на знаење“, публикацијата- дизајн на монографска книга на модниот дизајнер Изет Цури и учеството на повеќе групни изложби и работилници во Македонија и во земјите од регионот.