Изложба на македонскиот скулптор Славчо Спировски на Менхетн

336

Во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк е отворена самостојната изложба на еминентниот македонски скулптор Славчо Спировски, насловена „Аголност на илузијата на пакетирањето“. Во пријатна атмосфера, многубројната публика, составена од познавачи на уметноста, љубопитници, но и нашинци од овој дел на Соединетите Американски Држави, го поздрави почетокот на второто претставување на Спировски пред американската публика.

– Станува збор за концептуално дело, односно просторна подно-ѕидна инсталација во галерискиот простор. Оваа просторна сензација е промислена и подготвена специјално, имајќи го предвид просторот на галеријата. Концептот се базира врз еден подолг континуитет во мојата работа, а се сведува на користење на основните елементи што ја чинат скулптурата во нејзината основа: постамент, дело, простор, како и можноста за препрочитување на сопствените остварувања, барајќи притоа нови можни состојби и позиции на гледање и промислување. Во случајов се работи за преобликување на концептот за суштината на скулптурата како илузија за тридимензионалност во обид преку дводимензионалниот приказ да се мисли и чувствува како тридимензионално присуство – вели Спировски за својот најнов креативен предизвик.

Изненадување на свеченото отворање на изложбата беа и настапот и поддршката од македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, чија соработка во испреплетувањето на уметностите со Спировски датира уште од пред повеќе од 12 години, создавајќи голем број заеднички креации во тој период.
Изложбата на Славчо Спировски, реализирана со поддршка од македонското Министерство за култура, во галеријата лоцирана на Менхетн ќе биде отворена до 25 јануари